Битиќи: Јавниот долг ќе расте

Владата ќе продолжи да се задолжува, а земјава ќе влезе во редот на високозадолжени држави. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи потврди – имало планови за нови позајмувања од странство. Тврди дека во време на пандемија правилата не требало да важат, бидејќи се работело за вонредни околности. Тоа значи дека јавниот долг ќе ја пробие границата од 60% од БДП, што според мастришкиот критериум е лимитот до кој тој се смета за одржлив. Допрва ќе се види дали зголемениот јавен долг ќе резултира со земање поскапи кредити од странство. Битиќи уверува дека секој позајмен денар ќе бил насочен за да им се помогне на граѓаните и фирмите, а не за непродуктивни цели.

30% од парите од задолжувањата годинава се уште стојат и неискористени ќе се употребат за разни програми за помош – вели Битиќи. Фирмите веќе неколку месеци го чекаат 4-тиот пакет антикризни мерки. За јули, август и септември изостанаа субвенциите за исплата на плати. Владата тврди дека никој нема да бил запоставен и дека ќе биле опфатени и сектори за кои сега не се предвидени пари. Конкретниот пакет мерки треба да биде презентиран до крајот на следната недела.

Владата тврди дека за 4-тиот пакет мерки има пари, а ребалансот на буџетот ќе дојде подоцна. Се прават финалните пресметки во министерството за финансии. Бизнисмените критикуваат дека досегашната помош била недоволна и дека земјава издвоила најмалку пари од буџетот за помош на граѓаните и стопанството споредено со другите држави од регионот.

Владата се задолжи за 1,3 милијарди евра, со што јавниот долг надмина 6 и пол милијарди евра, односно речиси ја достигна критичната граница на задолженост од 60% од БДП.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста