Бислимовски: сметките ќе се плаќаат на рати без камата, за поголема акциза на дериватите ќе одлучува Владата

Граѓаните кои останаа без работа или сега земаат минимални плати ќе можат да ги плаќаат сметките за струја и парно за март, април и мај на рати и без камата за задоцнето плаќање – вели во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на РКЕ Марко Бислимовски. Комуналните компании, пак, сами ќе одлучуваат како ќе им помогнат на граѓаните. Корисниците на струја, парно и води нема да се исклучуваат во овој период. Бислимовски тврди дека во мај, кога ќе почнат да пристигнуваат порамнителните сметки за парното, тие ќе биле намалени за најмалку 20%.

Се поизвесно е дека нафтените деривати ќе поскапат. Бизнисмените и граѓаните бурно реагираа на предлогот на Стопанската комора за зголемување на акцизата за 2 денари. Некои калкулираат и со раст од 3 денари. Бислимовски вели дека последниот збор ќе го има Владата, но дека факт било дека цените на горивата поевтиниле за 20 денари во последниве 2-3 месеци, со што се намалиле и приходите од ДДВ во државната каса.

Вчера министерката за финансии Нина Ангеловска потврди дека се прават опсежни анализи и акцизите на нафтените деривати ќе одат нагоре, но дека нема да се изедначи акцизата за Екстралесното масло со дизелот. Ова го побара бизнисот за да се спречат злоупотребите со екстралесното масло кое наместо во домаќинствата, се користи како погонско гориво. Стопанствениците се жалеа не само поради мерката пораст на акцизите, туку и поради двата сета мерки кои ги донесе Владата. Бараат поголема, односно целосна поддршка за исплата на минимални бруто плати.

Владата веќе пресмета дека зависно од тоа колку ќе трае коронакризата и колкав ќе биде падот на приходите, буџетската дупка ќе се зголеми за дополнителни 700 милиони до 1,3 милијарди евра. Ангеловска посочи дека пад од дури 15% на БДП се очекува во вториот квартал, односно во април, мај и јуни.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста