Нелоска: Граѓаните плаќаат висока цена поради лошото менаџирање со пандемијата

Наместо да ги лекуваат граѓаните, матичните доктори станаа телефонисти кои со часови вртат низ инфективните одделенија во обид да резервираат кревет за пациенти со компликации од корона вирусот. Доктори алармираат оти граѓаните се изгубени низ лавиринтите и комплицираните протоколи, па губат скапоцено време во битката со опасниот вирус.

„Проблематично е да стапи матичниот лекар во контакт со инфектолог за да го упати пациентот каде да појде. Моментот на нетранспарентност и на нејасни протоколи или на многу комплицирани протоколи за движење, патеката на пациентите на движење е тешка и затоа дел од луѓето остануваат дома. Дел од луѓето веројатно остануваат дома бидејќи се плашат, ако појдам во болница дали ќе се вратам, тоа уште повеќе ја влошува целата ситуација“, вели доктор Ленче Нелоска.

Нелоска алармира оти мерките кои ги спроведува Владата не се добри, а смртноста наместо да паѓа, се одржува на едно алармантно ниво. Вели, во битката да се спасат што е можно повеќе човечки животи надлежните мора итно да ги воведат новите докажани лекови.

„Министерството треба сериозно да размисли за купување на лекот ивермектин, кои според бројни студии се покажал како многу ефикасен во лекувањето на пациентите од ковид 19, а веќе се користи во третманот на пациентите во Израел“, додава таа.

Од друга страна пак, високата смртност од Ковид 19 надлежните ја правдаат со методологијата на евидентирање на починати од корона вирус. Од Министерството за здравство велат дека во Македонија уште од стартот на пандемијата како починати од ковид се пријавуваат сите пациенти кај кои бил дијагностициран вирусот и покрај тоа што короната не била директна последица за смртта, нешто што според нив не било пример во голем број други земји во светот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста