Биг Мајк објави и видео – со канабис ќе ја спасувал земјава, па затоа се сретнал со Заев

Владата не се фали со средбите на потенцијалниот инвеститор во галопирачки растечкиот бизнис со канабис, Мајкл Страумитис, познат како Биг Мајк. Но, наспроти молкот на владата чии функционери никогаш не забораваат да посочат оти биле транспарентни, видео на кое се прикажани премиерот Заев и министерот Филипче на маса со „Кралот на канабисот“, како што самиот се нарекува, на „Инстаграм“ објави Биг Мајк.

Тој во постот пишува оти ќе ја спасел земјава, а најави и 40.000 вработувања.

Канабисот може да биде долгоочекуваната шанса за оваа земја. Со околу 40.000 нови вработувања, по легализацијата, ова е навистина голема можност за земјата, ако тоа се направи онака како што треба. Затоа разговарав дирекно со премиерот на фер лиценцирање на канабисот, ама и за креирање на јасен пат до европскиот пазар.

На прашање на Алфа, зошто Владата решила да молчи за ваквите средби, премиерот Заев се правда. Посочи оти штом дозволил да го снимаат очекувал дека некаде ќе биде објавено. Но, зарем јавноста, треба да дознае за потенцијални инвестиции од надвор.

Kонтроверзниот Биг Мајк, кој повеќе од една деценија има живеено во бегство со 7 лажни идентитети, на социјалните мрежи денес активно пропагира многу повеќе од медицинска употреба на канабисот. Во неговата биографија, што може да се најде и на социјалната мрежа „Линкедин“, ама и во голем број на интервјуа на познати странски веб- страници, се наведува оти неговата компанија „Advanced Nutrients” е водечка за продажба на „хранливи продукти“ од канабис, а е присутна во 93 земји во светот. Но, секаде пишува и оти бил гонет за нелегално одгледување, а успеал да избега со лажни документи.

Тој го контролира одгледувањето на повеќе од милион садници на марихуана, бил гонет со федерална потера од ДЕА (Агенцијата за наркотици на Америка) и американските маршали. Откако нелегално засадил садници во Калифорнија, со фалсификувани лични документи успеал да побегне во Канада. Скоро една деценија живеел под неколку различни идентитети. Донел повеќе од 50 првокласни вида на марихуана во светот.

Биг Мајк не им е непознат на македонските фирми што произведуваат канабис. Дел од нив дури купуваат ѓубриво токму од неговата фирма.

И додека бизнисменот познат како Биг Мајк, сериозно размислува како со помош на канабисот да ја спаси земјава, македонските фирми што се бават со производство на канабис за медицински цели алармираат за законски измени, за да не пропаднат и да завршат со клуч на врата.

Нивните барања се многубројни. Клучна им е дозволата за извоз на цвет од канабис, која сакаат да биде дефинирана со закон, и не им се допаѓа обврската да приложат банкарската гаранција од милион евра, ама имаат несогласување и со барањето за уплата од 10 отсто од годишната добивка на посебна сметка. Ова се само дел од забелешките што јавно ги споделија од здружението Макканабис во однос на Предлог- Законот за одледување канабис за медицински цели.

Сања Трајковска Ставров