Без ветената помош од државата, „медената“ Атиџе „мета“ за профит на невработени туристички водичи ?!

  Дали и кој се обидува да заработи врз популарноста на „медената“ Атиџе Муратова, која по минатогодишната оскаровска слава остана заборавена од државата ?! Туристичката тура под наслов „По патот на Атиџе“ која деновиве се продава под закрилата на фирмата на доскорешната министерка за финансии Нина Ангеловска, „Групер.мк“, по цена од 2298 денари и со попуст од 17 проценти, ги зовре социјалните мрежи.

„На Атиџе не и требаат пари и слава, на Атиџе и требаат услови да може да го работи тоа што го знае и што го сака, а за тоа има институции…“

„Колку од филмот што зеде, толку и сега…трошките….“

„Чиста експлоатација под превез на помош. Одмогнаа и на Атиџе, и на пчелите, и на природата. Барем нешто да научеа од базичната порака на филмот. Да не беше пандемијата, сега и странци ќе шетаа, а Атиџе кутрата, ќе им вареше кафе и ќе им пееше. Срце ме боли, бидејќи знаев што ќе се случи…“, се само дел од коментарите на револтираните граѓани на социјалните мрежи.

Организаторот пак на оваа тура, кој ни се претстави само како Александар, одбивајќи да го каже и своето презиме, вели дека бил невработен лиценциран туристички водич од Скопје и дека „По патот на Атиџе“ бил негов личен продукт со кој сакал да и’ помогне на Атиџе и на нејзиното семејство, бидејќи биле заборавени од државата. Според него, идеата била на Атиџе и дека за турите, досега две на број од по дваесетина луѓе, таа добивала соодветен финасиски надоместок, чија висина не сакаше да ја открие, бидејќи тоа било меѓу него и Атиџе.Тој одби да открие и кој е неговиот бенефит од ова, но тврди дека работел со загуба.

 „Лавината коментари се од типот на „експлоатација“ на Атиџе или било што. Ве уверувам дека не постои никаква експлоатација на госпоѓата Атиџе, баш напротив, ова е нејзина желба да се оставри, а воедно е вклучена и целата фамилија на Атиџе. Бенефитот е многу поголем од нивна страна, отколку од страната на организаторот“ – уверува организаторот Александар.

Алекасандар демантира и било каква профитна поврзаност со „Групер.мк“.

„Групер“ не стои позади мене. Позади мене стои Туристичка агенција со „А“ лиценца. Туристичка агенција која работи исклучиво со странци во Македонија и на целиот Балкан, додека „Групер“ е единствено канал за продажба“ – се правда организаторот.

Што се однесува до цената на турата, Александар цени дека таа била сосема прифатлива за наши услови, бидејќи се работело за посета на предел кој бил „македонската степа“ и каде домаќин била токму хероината Атиџе, со профеисонално загарантирана безбедност на туристите.

  Нашите обиди да стапиме во контакт и со Атиџе, и да ја прашаме дали навистина сето ова е нејзина идеа или пак, некој само вешто се обидува да заработи врз нејзиниот грб и име, откако државата ја заборави, за жал останаа безуспешни. Таа цел ден не одговараше на нашите телефонски повици.

Каролина Дурло        

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста