Без пари во буџетот Арсовска сака да купи автобуси?! Мнозинството советници ја одбија
Еве бел лист и напишете решение за градскиот јавен превоз од понеделник. Со овие зборови советникот во Град Скопје, Мартин Стојановски, од редовите на ВМРО ДПМНЕ и се обрати на градоначалничката, Данела Арсовска, на денешната 51 седница, на која советниците требаше да ја изгласаат предлог одлуката за набавка на нови 250 еко автобуси.
Стојановски апелираше дека ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата бараат решение за превозот во градот за од втори септември, а не за до година, кога би пристигнале новите автобуси доколку денешната точка беше изгласана.
„БРТ нема да го среди проблемот во градот Скопје. Напротив на градот му треба едно многу брзо решение. Тоа е едната работа. Втората работа е да излезете малку од дилот на градоначалникот претходен Шилегов и сегашната градоначалничка Данела, затоа што веќе нејќете да ги слушате ниту граѓаните, ниту останатите што говорат“, рече Мартин Стојановски, советник во Советот на Град Скопје.
Иако, денеска требаше да се гласа само согласност за набавка на автобуси, повторно Арсовска не успеа да ги убеди советниците. Таа појасни дека место пари за кредит се дозволува да се искористат буџетски средства од градот, а остави можност на советниците да пишат во денари колку пари од Буџетот сакаат да се оддели за оваа намена за да тргне процесот.
„Јас понудив од самиот почеток, колку што сте запознаени вие, толку се запознаени и медиумите, сами да формирате комисија или во рамки на постојните тела во советот на градот Скопје, да одлучите во која банка ќе се финансира проектот. Со колку средства ќе се финансира. Дури и да ги утврдите условите односно спецификацијата на какви автобуси, односно какви возила треба да се набават, а јас само да ја потпишам таа јавна набавка“, рече градоначалничката Данела Арсовска.
Претседателот на Совет Трајко Славески, рече дека градоначалничката ги потценува сите со тврдењето дека со еден денар може да се набават автобуси.
„Во овој момент ниту во буџетот на Град Скопје ниту со ребалансот не се обезбедени средства за набавка на автобуси. Ваков предлог би имал смисла доколку во буџетот за 2025 година се определат средства и потоа се гласа за одлуката“, нагласи претседателот на Советот, Трајко Славески.
Претходно, не беше изгласана ни потребата од Бас рапид транзит системот, со што повеќе од јасно е дека на 2 септември во понеделник, градот ќе биде во потполн метеж. Учениците ќе тргнат во училиште, многу од родителите ќе сметаат дека нивното дете нема да може да стигне на училиште на првиот час со автобус, па ќе ги носат со автомобили, а сите ќе заглавиме во долги колони на скопските булевари.