Без модерна патна инфраструктура кон Грција, Битола останува „слепо цревo“

Битолските бизнисмените од Пелагонискиот регион, бараат модернизирање на патниот правец Битола- Меџитлија. Во завчерашното соопштение, искажаа незадоволство бидејќи овој регион го нема во плановите за капитални инвестиции за оваа година на Фондот за патишта , како што велат во Соопштението. Тие, со реализацијата на  нивната Иницијатива, сметаат дека ќе се зголеми работењето на тукашните компании, кои заедно со прилепскиот регион учествуваат со 1/5 од БДП. Меѓутоа, денеска не беше возможно од Комората да се добие изјава, а неофицијално од еден од првите луѓе ни беше речено дека заклучоците се избрзани и дека допрва ќе се доработат. Што значи тоа, не е тешко да се претпостави.

Од друга страна, од ресорното министерство за транспорт и врски, со Соопштение велат дека започнуваат постапка по ФИДИК- услови на договор за изградба на автопатско решение од Прилеп до Битола. Во Програмата на ЈП за државни патишта за 2021 година предвидена е рехабилитација на регионалниот пат до граничниот премин Меџитлија, а во овој момент се работи на проектирање на нов експресен пат од Битола до граничниот премин со обиколница, се вели во соопштението на Транспорт и врски.

Но, какви се рефлексиите од сегашните состојби?

– Без да навлегуваме во умешноста за привлекување на странски инвестиции, самиот факт што постои една инфериорна патна инфраструктура, говори за себе. Дури и селските патишта во Грција се во подобра состојба од патниот правец Битола- меџитлија полн со ударни дупки и кој поминува покрај повеќе села. Што уште да кажеме. Железницата која стаса до грчката граница како слеп колосек, за овие три години не се успеа да се поврзе со железничкиот транспорт на Грција. Одговорите треба да се бараат во нешто сосема друго. Имено, Пелагонискиот регион станува слепо црево токму за овие и многу други проблеми.

Петар Стефановски

Advertisements