Без еуфорија се одбележуваат две години од референдумот за промена на името- зошто власта не слави?!

Јасно е дека еден од условните не е исполнет, односно на референдумот не е донесена одлука, изјави Деркоски вечерта на 30 септември пред две години.

Без никаква еуфорија се одбележува за власта историскиот 30 септември, денот кога се одржа неуспешниот референдум за промена на името на Македонија. Пред две години Заев славеше, велејќи дека граѓаните кажале „ДА“ за уставните измени, имаше спектакуларна прес конференција, каде порача дека овој резултат бил победа и јасно изразена волја на гласачите за промена на уставното име на државата.

Но зошто две години подоцна од тој 30 септември 2018 година, нема никакво официјално одбележување на овој ден? Зошто сите високи државни функционери молчат на оваа тема? Одговорот можеби стои во тоа што референдумот пропадна, но сепак како што најави премиерот уште вечерта на тој 30-ти септември, името на државата беше променето, без поддршка од граѓаните.

-Ќе направиме обид во Парламентот, да разговараме со пратениците, и ќе знаеме, ако има двотретинско мнозинство, ја почнуваме постапката со уставните промени, јасно пропишана во деловник и во Устав и во закон. Патот е јасен, тоа е патот, затоа сериозноста од сите нас треба да биде поголема од било што, изјави Заев по завршувањето на референдумот, вечерта на 30 септември 2018-та.

Сепак, волјата на граѓаните на Македонија, ја урнаа 81 пратеник во Собранието, кои гласаа „ЗА“ уставните измени во Собранието. Но, начинот на кој Заев стигна до таа бројка на пратеници фрли уште поголема дамка на промената на името. Осум од оние кои гласаа беа дел од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а меѓу нив и Крсто Мукоски и Сашо Василевски, кои како обвинети за настаните од 27 април, беа пуштени од притвор непосредно пред гласањето на уставните измени.

Меѓу оние кои гласаа беше и пратеникот Љубен Арнаудов, кој исто така беше обвинет за 27 април, како и Владанка Авировиќ, чиј син беше обвинет, а подоцна и условно осуден, во случај отворен од сега веќе згаснатото СЈО. Сите пратеници кои гласаа за уставните измени, подоцна беа амнестирани за собраниските настани, каде другите обвинети добија вкупно 211 години затвор.

Република Македонија замина во историјата, се роди Северна.

-Да живее Македонија, да живее Република Северна Македонија, изјави Заев на 12 јануари 2019-та.

Од вкупно 1.806.336 граѓани запишани во Избирачкиот список, на референдумот гласаа 666.743 граѓани или 36,91 проценти од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.

После неколку различни изјави власта на крајот пресече: референдумот имаше консултативен карактер и Владата стави параф на Преспанскиот договор.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста