Без договор заврши средбата помеѓу Битиќи и организаторите на настани

Тричасовната средба меѓу организаторите на настани и вицепремиерот Битиќи заврши без договор. Претставниците од Ивент индустријата велат дека сепак протестите ќе ги стават во мирување додека не помине конкурсот од Владата за покривање на 40-тина настани од јавен интерес со домашни изведувачи. Нивниот првичен став беше дека помошта од околу 1 милион евра за организација на овие настани, нема да биде неповратна помош, односно грант како што бараа, туку најобична исплата за сработеното. По средбата со Битиќи сепак решија да почекаат уште малку. Конкурсот ќе биде објавен следната недела, а треба да се однесува на настани за одбележување на 30 години од независноста на Македонија, во периодот од јуни до септември, а кои не ги опфаќаат официјалните државни настани кои Владата преку посебна програма ќе ги организира за одбележување на 8-ми септември.

Од Владата пак велат дека Битиќи сепак решил да прифати дел од барањата на организаторите на настани. Компаниите со поголеми загуби ќе добивале повеќе бодови при оценувањето, еден подизведувач ќе може максимално да се најде на  7 пријави за настани, ќе се плаќало авансно од 30 до 40% од вредноста на проектот, ќе се имало в предвид бројот на вработени во фирмите, а ќе можело да се аплицира и за спортски настани. Не било прифатено барањето за бодување според шифри на дејност.

„ Владата ги информираше претставниците на ИВАП дека не може да го прифати предлогот кој се однесува на создавање конкурентска предност на одредени компании со одредени шифри на дејност, односно вицепремиерот и националниот координатор останаа на принципиелниот став на Владата дека целта на овој јавен повик е да даде можност за поддршка на сите компании кои организираат настани, а кои имаат загуби поради корона кризата, без да се фаворизираа било која компанија и без да се исклучува било која компанија, затоа што тоа не е праведно ниту правично“-велат од Владата.

Организаторите на настани неделава неколку пати протестираа по 3 часа дневно пред Владата. Загубите им надминуваат 62%, повеќе од една година не работат, па побараа неповратна помош. Незадоволни од големината и доцнењето на владините мерки за спас на стопанството,за следната недела се закажани повеќе масовни протести. На улица ќе излезат угостителите, работниците во туристичките агенции, туристичките водичи, организаторите на свадби и други револтирани граѓани.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста