Без датум, со сменето име и со визи во ЕУ?!- Колку власта ја „доближи“ Македонија до Брисел?
Мерсу, merci beaucoup мисје президент, thank you, благодарам, му порача Заев на Макрон.
Само неколку месеци по благодарноста од Заев кон Макрон за поддршката на патот кон Европската унија, сценарио сега изгледа сосем различно. Се појавија информации дека токму Франција е главната земја во Европската унија, да не им се гарантира веќе на Македонија и другите земји од Балканот членство во ЕУ. Заев вели свесен бил за промената на реториката на Франција, Холандија и Данска, но тоа не го загрижувало.
-Јас ги разбирам и Франција, и Холандија и Данска, тука нема никаква двосмисленост или нејаностија во желбата на сите 27 земји за идната интеграција на Западен Балкан во Европската унија. Тоа ни беше појаснето и од претседателката на Европската комисија и од Вархеји. Затоа што новата методологија е не само за нас како земји, Македонија и Албанија, кои што се надеваат на почетокот на преговорите и отворањето на првите кластери, изјави Заев.
Заев порача и дека треба малку да не плаши и најавата за укинување на безвизниот режим. Вели во моментов Македонија не е загрозена, но штом се соседите, тоа требало и за нас да претставува аларм за можно враќање на визите. Овој страв е и оправдан, ако се знае дека Белгија се пожалила дека има многу барања за азил од македонски државјани, за што сега се спроведувала истрага дали можеби се изолирани случаи.
-Значи ние го немаме проблемот, но не значи дека не треба да бидеме загрижени за нешто што се случува во Западен Балкан. Регионот е наш е мал, ако го има кај соседите ќе дојде и кај нас. И затоа во редовните коресподенции и соработки со Европската унија едно од прашањата е токму и тоа. Визната либерализација има свои критериуми и свои стандарди, кои што мораат да бидат почитувани и мораат да бидат додржани. За жал многу често се злоупотребува, ама тоа е од поединци, изјави Заев.
Ваквите изјави воопшто не наликуваат на Заев од претходно, кога тој беше голем оптимист за евроинтеграциите. Дури Македонија и неколку пати го добиваше датумот за старт на преговори со ЕУ, кој се уште го нема. Така беше на втори јули 2018-та, кога Заев се пофали дека почнува и скрининг процесот, кој исто како и датумот се уште го нема. А истата година и од авион стигна пофалба од Заев дека датумот бил добиен.
-Скрининг процес почнува на 17 јули овде во Македонија. Тоа е доказ дека Македонија доби датум за преговори, доказ е дека Европскиот Совет никогаш повеќе нема да се навраќа да утврдува датум за преговори, изјави Заев во Собранието на 02.07.2018.
-Во авион штотуку примив одлична вест… Република Македонија доби датум за старт на преговори за членство во ЕУ!, се фалеше Заев од авион.
Неисполнетите ветувања за преговорите со Европската унија Заев си ги користи и во предизборните кампањи. На пример на митингот во Шутка на 30 април 2019 година.
-Прво во Шуто Оризари сакам да ја споделам убавата вест. Пред неколку часа се вратив од Берлин. Нашата заедничка земја конечно отвора поглавја, почнува да преговара, велеше Заев во кампања на 30 април 2019-та година.
Сепак на крајот ситуацијата е друга, сега веќе ниту оптимизмот го нема кај Заев, најавите се дека датумот речиси е невозможно да го има до крајот на годината. Дури, по се изгледа исчезнува и декларативната поддршка која ја имавме од европските сили, пред се Франција, која во моментов е главна против проширувањето на унијата.
Матеја Петровски