Беспарицата „удира“ и врз традиционалното правење зимница

      Дали Короната и драстично опаднатата куповна моќ, веќе им ги променуваат и традиционалните навики на македонските граѓани за правење зимница ?! Градските пазари дури и во пазарните денови се полупразни. И со производи, и со купувачи. Пазарџиите се жалаат дека беспарицата „удира“ и врз традицијата за приготвување зимница. Велат дека дури и преполовеното производство коешто годинава го имаат, тешко успеваат да им го продадат на купувачите, иако честопати, истото го продавале дури и под исплатливата цена. Нивните давачки биле големи, а народот се’ помалку имал пари.

     „Многу е намалена куповната моќ. Луѓево дали се осиромашени, дали не наклаваат зимници, ама ова е катастрофа. Карафиол прва класа, да не можеш да го продадеш 40 денари, а лани ова време беше 80..многу слабо, многу…катастрофа“, – вели долгогодишен бавчанџија од Прилеп.

    „Досега требаше да се земат 500 кг од пазар, овдека ние немаме ни три картони продадено. По не се прави зимница и многу е намалена куповната моќ. Ние продаваме овде 20 години, како татко ми, така јас, овде вриеше од народ. Тешко нас ќе биде. Имаме десет тона кромид, ни го бараат за шест денари. Како може 6 денари?! В година уште полошо ќе биде“ – објаснува Гоце Арачиноски од с. Бела Црква.

   „Моментално, продажбава е многу тешка, затоа што многу слаба е посетата. Едно беспарица, друго луѓево избегаваат, се плашат од Короната. Не се исплати, плаќаме многу повеќе даноци, тезги. Тешко е премногу, ние немаме корист, ама сме се фатиле „на свадба“ и мораме да „играме“, – раскажува пазарџијата Живко Велјаноски.

   „Мора да се јаде, сака – нејќи, ако треба 50 кг, ќе направи 30, макар што скапа е пиперкава сега…се нема…Многу, паднато е скрос..“, – се пожала друг земјоделец.

    Безмалку истата загриженост, ја има и кај купувачите. И тие велат дека се доведени во ситуација да штедат на храната, на зимницата.

     „За купувачите е скапо, за продавачите е евтино. Како што оди вака, ќе се одвикне народот, ќе јади нешто вештачко кое што нема врска со зимница, ама мора да се привикне на тоа. Минимално се купува, купи ден-помини, така е дојдено времето, никој не купува на големо“ – вели еден купувач.

    „Цените се скапи, не се многу, ама некои се скапи. Поточно, во сабота можеш да начекаш поевтини, ама во другите денови дупли се цените. Помалку купуваат, ама, мора да купат…Сега правиме помалку, бидејќи децата не ни се тука, ни се разбегаа…“, – посочува друг купувач.

      Инаку, напоредно со опаѓањето на куповната моќ на граѓаните, расте и бројот на затворени дуќани во Старата чаршија, каде, повеќе од половината веќе се    празни и ставени се или на продажба, или се издаваат.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста