Бесими: Економската состојба сериозна, помош за стопанството ќе има, но не се знае колку тоа ќе ја чини државата

Состојбата во македонската економија е повеќе од сериозна, но може да се најде решение за ублажување на кризата, рече министерот за финансии Фатмир Бесими. Според него, до крајот на вториот квартал од годинава, имало пад од 12,7% на БДП, а јавниот долг е искачен на 59,5%. За помош на стопанството ќе има и четврт сет мерки кои ќе се знаат дури од следната недела, најави министерот за финансии, но не сакаше да открие што точно ќе содржат и колку ќе ја чинат државата. Тоа најверојатно, рече, ќе доведе и до ребаланс на буџетот, иако е планирано до крајот на годината да нема јавен долг над 60% од БДП.

– Ова е една од најголемите економски кризи на светско ниво,  дури неколкукратно поголема од глобалната финансиска криза од 2007 до 2009 година. Со актуелниот ребаланс се намалија приходите во Буџетот на 11,5 проценти, а вториот  квартал бележи пад од 12,7 проценти на БДП што се ефектуираат во досегашното планирање. Ние гледаме Буџетот да биде стабилен и предвидлив за стопанствениците со навремена испорака на фискалните обврски од страна на државата, рече Бесими во одговор на прашање на денешната прес-конференција.

Новите мерки за помош на бизнисот, рече министерот, ќе бидат насочени кон  зајакнување на ликвидноста и финансиската стабилност на фирмите и за  поттикнување на приватната потрошувачка и инвестициите.

– Ќе одиме со репрограмирање на средства од проектите за кои со голема веројатност се знае дека нема да се реализираат до крајот на годината со цел да има ефикасно и оптимално алоцирани средства што се планираат. Соодветно од големината на пакетот ќе видиме колку ќе влијае на јавниот долг за кој имаме јасно дефинирана позиција да биде во рамките на стабилно финансирање на нашата економија, рече Бесими и додаде дека доколку се носи одлука за ребаланс тоа ќе биде до крајот на месецот.

Ако мерките вродат со плод, догодина се очекува раст на економијата од 4%, покачување на просечната плата за 20 до 30%, како и намалување на невработеноста. Но ако се суди според досегашното искуство, сето тоа останало само празно ветување.

Министерот најави и изработка на нов закон за ДДВ, со кој ќе им се дале бенефиции на извозно ориентираните компании и поактивно привлекување на странски директни инвестиции.

Буџетирањето, пак, кое се базира на краткорочно ниво на финансирање, ќе да се преориентира кон долгорочно. Парите на институциите за проекти ќе се доделуваат согласно резултатите, со што ќе се надминат и нереалните планирања што се влечат со години наназад.

Министерот рече дека биле подтотвени за најголемата финансиска криза за оваа генерација, но тоа немало да биде лесно поради сериозноста на состојбата и големата неизвесност со пандемијата.

Борис Грујоски

Advertisements