Бесими алармира – состојбата е сериозна, ќе се задолжуваме

Економската состојба е сериозна, а бројките се полоши од оние во 2009-та за време на светската финансиска криза – признава министерот за финансии Фатмир Бесими. За да им се помогне на граѓаните и фирмите и за да се обезбеди нормално функционирање, неопходно ќе биде државата да се задолжи. Бесими потврдува со ребалансот на буџетот, ќе расте буџетскиот дефицит и јавниот долг, само не се знае точно колку. Недостасуваат 160 милиони евра за реализација на 4-тиот сет мерки. Сепак, министерот тврди дека Владата ќе можела редовно да ги сервисира долговите, без притоа да ја наруши фискалната одржливост и финансиската стабилност

Финансиски најмногу се погодени граѓаните и фирмите. 70% од нив решија да ги одложат ратите за кредитите за 6 месеци. Банките и по втор пат им овозможија само на најзагрозените, тие што имале трошоци за лечење, оние што останале без работа или со намалени примања да можат повторно да не плаќаат извесен период. Ќе треба да подготват и 285 илјади платежни картички за пензионерите, невработените, студентите.

И покрај лошите показатели за индустриското производство, невработеноста и капиталните инвестиции, Владата е уверена дека економијата годинава ќе заврши во минус од 4%, а наредните години ќе се врати на патеката на раст од 4 до 5%. За разлика од неа, ЕБОР е поголем песимист. Банката проектира пад на македонската економија од 5%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста