„Бесачи“ – премиера на Македонскиот народен театар

Македонскиот народен театар вечер од 20 часот ќе ја изведе „Бесачи“ – прва премиера во новата сезона. Претставата е работена по истоимениот текст („Hangmen“) на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев од Бугарија, кому ова му е прва соработка со МНТ.

Пиесата ја тематизира смртната казна, укината во Велика Британија во средината на 1960-тите години. Првпат е поставена во Лондон пред четири години. Според режисерот Грдев, мотив да ја постави било тоа што се занимава со тема која, како што вели, привидно веќе е решена во многу држави. Мекдона почнал да се занимава со темата откако таа веќе била излезена од фокусот на јавноста, а причината за тоа, смета режисерот, е што верува дека и покрај укинувањето на смртната казна, човечките инстинкти и импулси за насилство продолжуваат да го водат и да го владеат духот на човекот.

– Во таа смисла, ние секојдневно во нашето општество сме сведоци на акти на насилство на еден човек кон друг и како такви тие многу добро се опишани во пиесата, изјави Грдев. Тој е еден од најзначајните бугарски и современи европски театарски режисери. Досега поставил повеќе од 35 претстави во повеќе земји низ Европа и е добитник на повеќе од 45 награди.

Авторот на текстот Мартин Мекдона е познат по црните комедии (четири драми му се номинирани за најпознатата театарска награда „Тони“), а исто така е добитник и на „Златен глобус“ и номиниран за „Оскар“ за оригинално сценарио пред две години за филмот „Три билборди надвор од Ебинг, Мисури“. Сценарист и режисер е и на филмовите „Six-Shooter“, „Во Бриж“ и „Седум психопати“. Во светот на театарот е познат по тоа што вовел нов жанр, т.н. „in-your-face theatre“ (театарски правец со презентирање бесрамно агресивни, вулгарни или провокативни текстови), а неговите драми и сценарија се крајно духовити и сурово реалистични.

Во актерската екипа на „Бесачи“ се: Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.

Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург Дејан Дуковски, а текстот го преведе Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов.

По вечерашната премиера, 180-минутната претстава „Бесачи“ репризно ќе се игра и утревечер, а следните изведби ќе бидат на 8 и 9 октомври.