БЕСА и Алијансата за Албанците имаат свои услови – Преспанскиот на нови искушенија

Албанскиот службен јазик во целата земја и во нејзините меѓународни односи, Македонија дефинирана како рамноправна држава на сите граѓани. БЕСА на Билал Касами ги испрати до Владата своите предлози околу уставните амандмани за моментот кога ќе се отвора уставот. Потпретседателот Кастриот Реџепи за Алфа изјави дека се оптимисти дека нивните амандамни ќе бидат прифатени, на истиот начин како што премиерот Заев, кога немаше никакви изгледи, веруваше дека ќе обезбеди 80 пратеници за промена на уставот.

– Ние сме оптимисти, тие амандмани се за доброто на сите, за нив се залагаа и албанската партија во власта и најголемата владејачка партија СДСМ. Како што во еден момент во јавноста се мислеше дека нема да се направи двотретинско мнозинство во парламентот, а премиерот Заев беше оптимист, така и ние сега сме оптимисти дека нашите амандмани ќе станат дел од документот – изјави потпретседателот на БЕСА, Кастриот Реџепи.

Од БЕСА бараат во уставот да се дообјасни дека Македонија води грижа за своите граѓани кои живеат надвор од територијата, еднакво за сите етнички заедници, но и да се оневозможи претседателот на државата да ги блокира законите, кои се усвоени по второ гласање во Собранието

БЕСА заедно со Алијансата за Албанците, која исто така поставува сопствени услови, има четворица пратеници кои во моментов се од животна важност за Преспанскиот договор. Алијанса за Албанците уште претходно најави дека не ја исклучува опцијата да го блокира Преспанскиот договор, ако не им се исполнат нивните барања кои се поклопуваат со оние на БЕСА: албанската заедница да биде впишана како државотворен народ и албанскиот јазик да биде службен заедно со македонскиот. Генералниот секретар на партијата и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари за Алфа вели дека ако не се исполнат нивните барања, органите на партијата ќе одлучуваат дали нема да го поддржат преспанскиот процес.

-Ова е нешто што го пишува и во Охридскиот договор. Господинот Заев го вети уште во 2016 година, во делот за јазикот поконкретно, тврди Таравари.

Владата со помош од осумте пратеници исклучени од ВМРО-ДПМНЕ обезбеди точно 80 гласа, односно минимумот за промена на уставот, но сите тие, заедно со четворицата под контрола на БЕСА и Алијансата се потребни и за финалното гласање кое се очекува кон крајот на годината. Во спротивно Преспанскиот заминува во историјата, што за кабинетот на премиерот Заев не е опција, а тоа им е добро познато на двете албански партии кои се обидуваат да го загрозат сигурното место на вечниот Ахмети и неговата ДУИ во секоја власт.

Драган Милосављевиќ