„Бела чума“ или демографското дно на Битола

Последните црни демографски статистики што ги официјализираше Државниот завод за статистика, некои аналитичари ги компарираа како да снемало еден град колку Крушево. За жал, некогашниот конзулски град Битола, излезе дека според природниот прираст се наоѓа во страшна депопулација со црни бројки на фертилитетот и морталитетот. Во последниот квартал од 2020 година имало само 161 новороденче, а починати биле 520 или негатива на прирастот од 359 лица. Причини има многу, од економски, па миграциски, бесперспективност и несигурност, до лоша политичка клима и партизација. Но, еве што велат експертите за некои аспекти. Короната лани имаше свое влијание, но најмногу поради слабостите на здравствениот систем, вели универзитетскиот професор по социологија д-р Златко Жоглев.

-Депопулацијата што настана во нашето општество и е многу голема во последните три месеци е поради повеќе фактори. Прво, несигурноста бидејќи во услови на криза не можат да добијат соодветна здарвствена заштита и нега за нив, а кај нас , со голем степен на веројатност е фактот што нема вакцини и имунизација и со тоа, луѓето се чуствуваат уште понесигурни  рече –професор д-р  Златко Жоглев.

Според демографите, населението старее, а економските фактори и дефетизмот, врз миграциските процеси делуваат како акцелератор.

-Економскиот фактор е една од главните причини, немањето работа, нискиот стандард на населението и сето тоа придонесува луѓето да мигрираат надвор од Битола. Најголем дел од тие мигранти се младо население, т.е. оние што треба да имаат деца, оставајќи го возрасното население овде. Со тоа, наталитетот е низо- рече Мите Ристов, професор по географија.

Професорот Методија Богоевски, кој е магистер по демографија, вели дека партизацијата и клиентелизмот создаваат бесперспективност кај младите и најспособните, па затоа се одважуваат да заминат во странство.

-Третиот случај кој можеби е најтажен, тоа е заминувањето на најквалификуваните и највредните кадри. Ние наместо да се бориме да ги задржиме, како да ги набркуваме. Зошто заминуваат? Јас лично знам примери, добри студенти кои биле препознаени од професорите, не се задржани. Истите, продолжуваат со магистратура и докторат во странство, конкретно во Словенија и прават проекти кои овде никој не ги правел- рече М-р Методија Богоевски.

Оваа црна слика, со која во вода паѓаат флоскулите на партискиот агит-проп на властодршците за рамномерен развој, може да се заокружи со уште еден морничав факт од битолскиот хроничар професор д-р Александар Стерјовски , кој  вели дека во Битола над илјада куќи и станови со години се празни. Што ќе рече, ако порано зборувавме за сеништа од минатото, сега имаме сеништа на сегашноста и на иднината.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста