Бектеши: угостителите да не уценуваат, да ги искористат мерките

Наместо помош, добија обвинувања. Откако вчера угостителите алармираа дека поради финансиски проблеми отпуштиле 15 илјади работници за неполн месец, министерот за економија ги демантира. Информацијата не била точна, а нивните анализи ги оквалификува како паушални. Додека угостителите едвај врзуваат крај со крај и најавуваат дека ќе ги затворат објектите, Бектеши им порача дека не било време за уцени. Министерот вели субвенции ќе добијат, како што ги нарече, „вистинските угостители“, односно оние што навреме си ги подмирувале давачките.

„Јасно е дека дел од нив се постојано во обид да работат на црно и постојано се креативни во изнаоѓање решенија како да избегнат плаќање давачки кон државата, а јас како министер за економија, заедно со инспекторите, во целиот капацитет како и досега, но и од сега, па натаму, ќе продолжиме да го санкционираме таквото однесување. Ова не е време за уцени“ – порача Бектеши.

Бектеши тврди дека сите стопански комори ги одобриле мерките и дека целта била помошта од 14.500 денари да ги задржи луѓето на работа, а не да се поделат откази. Дополнително, поради големиот интерес, била пуштена втора линија на бескаматните кредити преку Развојната банка. Но угостителите тврдат дека токму тоа е проблемот. Државата дава пари за април и мај, а тие немале како да исплатат плати за март. За исплата на минималец, одбиени биле и фирмите со 1 вработен, бидејќи мерката не важела за управител на фирма, туку само за работници. Многумина, пак, од оние што земале субвенции за исплата на плати претходно, сега не можеле да аплицираат. Тврдат дека мерките се само фарса, бидејќи ретко кој може да ги искористи.

„Многу е важно јавноста да знае дека сите мерки кои се моментално донесени и предложени, доколку ги користиме, ќе не остават во големи долгови по кризата, која не знаеме кога ќе заврши“ – вели Мартин Ангеловски од Здружението за угостителство и туризам.

„Има испуштено одреден број на работници, со тоа што, доколку, во брзо време не се реагира од страна на Владата и не ги добиеме мерките што ги бараме, ние не сакајќи самите, ќе мораме да ставиме клуч на врата“ – рече Марија Петрова од Групацијата на микро и мали бизниси.

Од Здружението за угостителство и туризам бараат државата да покрие половина од минималната плата за март и 100% покривање на бруто платите за април, мај и јуни, со можност за продолжување до крајот на епидемијата. Предупредуваат дека ако Владата остане глува за нивните барања, бројот на луѓе што ќе добијат отказ ќе биде драстично поголем.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста