Бектеши се премисли, ќе разговара со Грција и со сите соседи за успешна летна сезона

Не се доцнело, време за годишни одмори има. Додека Србите на големо закажуваат одмори во Грција, Македонија допрва ќе преговара за излез на наши граѓани на јужната граница. Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека по стартот на имунизацијата денеска, веќе од утре ќе почнеле разговорите со надлежните власти во Грција, но и со соседните држави за взаемно признавање на ковид пасошите. Тврди дека неговата изјава дека нема билатерално да се преговара со Грција за да се задржат македонските туристи дома била извадена од контекст. Во моментов Министерството за економија немало надлежност да преговара за ова прашање, но тоа не значело дека нема да се преговара во иднина. Се чекало на насоките од Министерството за здравство.

  • Што се однесува до преговорите со Грција, ние директно не преговараме со грчката влада, имајќи предвид дека интерес на секоја држава е да поттикне што повеќе туристи кај себе, односно во Северна Македонија, како што е целта на Министерството за економија и за тоа ќе продолжиме да спроведуваме мерки за поттикнување на странските туристи, но и на нашите домашни туристи, да ги посетат нашите туристички дестинации – рече пред некој ден Бектеши.

За дел од соседните држави, вакцинацијата не е едиствен предуслов за влез во Грција. Србите, на пример,  ќе можат да влезат и со негативен ПЦР тест. Министрите за туризам од двете држави, пред два дена, на состанок во Белград  ги договорија деталите за српските државјани. Грчките граници сигурно ќе бидат отворени за Србите на стартот на летната сезона на 14-ти мај, а поради успешната имунизација во Србија, грчките власти размислуваат да дозволат влез уште на средината на април. Двете земји договорија да се прифатат руските и кинеските вакцини, невакцинираните да можат да влезат со негативен ПЦР тест, додека за деца до 10 години да не биде потребен PCR тест.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста