Бектеши: Петтиот сет мерки се уште се договара, ќе биде соопштен во февруари

Правдањето продолжува, ама пари нема. Еден по еден економските министри во владата се редат со изјави дека помошта за стопанството и граѓаните ќе стигне, но конкретно нема ништо околу најавениот петти пакет мерки. Денеска и министерот за економија ја повторува истата песна, но што им значи тоа на фирмите и граѓаните кои буквално молат за итно да се помогне.

Петтиот пакет антикризни мерки за спас на стопанството и граѓаните најверојатно ќе стигне следниот месец, вели министерот за економија. Додека кризата се продлабочува, од Владата се уште ги чекаат предлозите од стопанските комори, по што ќе почнат со подготовка. Велат дека опфатени ќе бидат најпогодените сектори, но колку помош ќе добијат, министерот не знаеше да каже.

  • Во моментов разговараме, не се точно дизајнирани мерките. Има различни предлози, но во рамки на можностите и буџетските средства определени за КОВИД програмата и секако, по состаноците со стопанските комори, ќе излеземе и заеднички ќе ги презентираме, рече Бектеши.

За најпогодените сектори, како туристичкиот и угостителскиот, додаде дека „секако ќе има мерки, но како ќе изгледаат, ќе треба прво да се причекаат сите предлози од стопанските комори“.

Конкретни рокови и информации нема, ама оптимизам сепак кај министерот има. Мерките овој пат вели дека ќе ги дале посакуваните резултати. Министерот е оптимист дека со него ќе се задоволеле бизнис потребите.

Наспроти оптимизмот на власта, стопанствениците повеќепати предупредија дека помошта и досега не ги даде посакуваните резултати. Стопанските комори велат дека ликвидноста на компаниите да биде во фокусот. Мерките мора да бидат насочени кон малите и средните компании зашто тие ги има најмногу во Македонија. Синдикатите пак инсистираат помошта да се доделува диртектно на сметките на работниците, а не на газдите, за да не се повторуваат злоупотребите.

Според последните податоци на АВРМ, до сега над 6.200 фирми ставиле клуч на врата, а 17.000 луѓе останале на улица. Ваквите бројки за бизнисот се загрижувачки. Според економистите, ако во земјава час поскоро не почне со вакцинација, стопанствениците не веруваат дека владата ќе може и натаму да ги помага, а фирмите ќе тонат уште повеќе.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста