Бектеши контра Шахпаска-Економската криза, а не иселените се причина за зголемената невработеност

Бектеши контра Шахпаска. Министерот за економија не се согласува со изјавата на министерката за труд дека невработеноста во земјава се зголемила поради иселениците кои се вратиле во Македонија. Според него, годинава отказите се резултат исклучиво на економската криза предизвикана од ковид вирусот. Поради ова, биле изгубени над 15 илјади работни места. Не слушнал за никаква анализа дека повратниците од дијаспората на било кој начин биле одговорни за порастот на невработеноста. Сепак, многу луѓе кои биле дел од сивата економија се пријавиле како невработени за да ги искористат антикризните мерки, односно еднократната државна помош.

Бројни негативни реакции и исмејување во јавноста предизвика изјавата на Шахпаска дека поради повратниците од европските држави пораснал бројот на невработени. Таа викендов кажа дека без работа останале 15.858 граѓани, но од нив само 3 илјади добиле отказ поради ковид кризата. Имено, на 7 илјади луѓе им завршиле договорите на определено време, а две илјади потпишале спогодбен отказ.

Според податоците на Агенцијата за вработување, бројот на невработени пораснал за дури 46 илјади лица во последниве 8 месеци. Во октомври пак, за само еден месец без работа останале речиси 6 илјади лица. Бројот на активни баратели на работа се зголемил за 2.440 активни, а бројот на пасивни баратели, односно оние што ќе добијат 6.000 денари, пораснал за само 3.400 лица.

Се уште не се знае дали сите овие луѓе навистина се пријавиле во Агенцијата поради антикризните мерки или пак дел од нив цело време биле невработени, но поради очајот дека никогаш нема да најдат работа воопшто не биле евидентирани во системот.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста