Бектеши: Инспекторатот предводен од Стојко Пауновски не го контролирал независно квалитетот на горивото

Откако пукна скандалот со токсичното гориво, надлежните си ја префрлаат одговорноста кој е виновен што македонска фирма која увезувала отровен мазут, ги снабдувал болниците и министерствата во земјава. Од министерството за економија го обвинуваат Државниот пазарен инспекторат под водство на екс директорот Стојко Пауновски, зашто направил само една проверка на квалитетот на горивата со мобилната лабораторија која пред две години беше купена од Владата за 500.000 евра. Крешник Бектеши вели дека наместо независната државна лабораторија, се користеле приватните.

  • Ние како држава во последните две години набавивме независна мобилна лабораторија која е во сопственост на Бирото за метрологија, која директорот на Државниот пазарен инспекторат до овој момент ја користел само еднаш. Јас не би сакал да го користам зборот „лажел“ во тоа истражување, но има многу невистини, бидејќи токму оваа лабораторија можеше да се користи за да се направат такви проверки, но тој ниту еднаш не ја известил Владата, ниту Министерството за економија, за какви било сознанија. Ние како Министерство за економија такви сознанија не сме имале, а мобилната лабораторија не била користена од Државниот пазарен инспекторат, туку продолжил да ги користи приватните лаборатории, рече Бектеши.

Претходно, Пауновски тврдеше дека наодите за опасноста на ова гориво ги испраќал до Министерството за економија. Од Кавадарци реагираше и првиот човек на Општината. Градоначалникот Митко Јанчев побара брза реакција од надлежните институции во врска со користењето на отпадно масло на „Еуроникел“ од Кавадарци.

  • Институциите веднаш да реагираат и да ги проверат изнесените информации дека Еуроникел користи отпадно масло како мазут. Не смееме како градоначалник и општина да дозволиме интересот на бизнисот да биде пред здравјето на граѓаните. Со увоз на отпадно гориво кое е забрането во Европска унија, а кај нас се увезува како мазут и се употребува, знаејќи дека тоа има смртоносни последици некој мора да сноси одговорност. Ги повикувам надлежните државни институции како даватели на интегрираната еколошка А дозвола, царинската управа и инспекторатот за животна средина да ги испитаат изнесените информации и да постапат доследно своите надлежностирече, рече Јанчев.

Освен комбинатот од Кавадарци, и компанијата „Брако“ на бизнисменот и поранешен функционер Кочо Анѓушев наводно го користела горивото. Ваквите информации тој ги отфрли преку демант, и најави тужби.

  • Ниту Кочо Анѓушев ниту „Брако“ Велес се поврзани со увоз на некакви токсични масла или мазут ниту, пак, „Брако“ е голем потрошувач на мазут во Македонија. Вистината е дека „Брако“ Велес никогаш не увезол мазут, а минималните количини што ги троши за работа на погонот се набавуваат на пазарот во Македонија од увозници кои се занимаваат со дејноста, реагиаат од велешката фабрика.

Ваквите реакции следуваат по скандалот за големиот увоз на опасно нафтено масло забрането во ЕУ, кое на големо го користат повеќе државни институции и индустриски комбинати во Македонија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста