Бектеши: До крај на месецов ќе се исплати државната помош за петтиот и шестиот сет мерки

Многу фалби, но речиси никакви ефекти. Вака накусо може да се оценат резултатите од владините економски мерки за помош на стопанството и граѓаните од последиците на пандемијата на Ковид-19. Фирмите и граѓаните се жалат, власта и натаму ветува и уверува дека пари имало и тие ќе легнеле на сечија сметка. Како последно, до крајот на месецов. Во меѓувреме, веќе се бара и седми пакет мерки.

Пратеници на власта позитивни на Корона во скафандери дојдоа во Собрание и ги изгласаа антикризните мерки за петтиот пакет помош за граѓаните и стопанството, ама и по неколку месеци на сметките на добар дел од нив не легнал ниту денар. Најпогодените сектори како угостителството и хотелиерството се уште ги чекаат парите од петтиот сет, иако помина и шестиот сет на мерки. Без субвенции се и повеќе земјоделци, кои постојано прашуваат кога ќе биде исплатата.

 

Министерот за економија признава дека има доцнење, но тврди дека станувало збор за помал дел од предвидените средства кои до крајот на овој месец ќе биле исплатени на сметките:

Во изминатиот период повеќе компании протестираа незадоволни од владините мерки. Тие сметаат дека досегашната помош не била доволна и немала континуитет. Дел од фирмите уште пред неколку месеци се пожалија дека имаат намалени приходи и за 80% па и до 100%, и ако не добијат сериозна помош, на стотици вработени им се закануваат откази. Погодени од пандемијата, побараа сериозна финансиска помош, која се уште ја чекаат.

Уште „нераситнет“ петтиот пакет, Владата излезе и со шестиот пакет антикризни мерки за помош на бизнисите кои се најпогодени од последниот бран на коронакризата. Бизнисот смета дека и шестиот пакет е задоцнет, и нема да ги санира штетите во стопанството, бидејќи голем дел од компаниите имаат проблем со долгови, кредити и неисполнети обврски. 

Поради доцнењето на државната помош, околу 6.000 текстилни работнички беа пратени на колективен одмор, и стотици работници ги изгубија работните места. Во меѓувреме веќе се заговара и седми пакет мерки.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста