Бебето од Харков тргна кон Македонија, во Украина остануваат заглавени најмалку 50-тина македонски семејства

Бебето старо само 5 дена кое заедно со родителите беше заглавено во завојуваните подрачја во Источна Украина  тргнаа на пат за Македонија. Македонското семејство кое поради нивната лична ситуација чекајќи термин за породување биле спречени  да заминат од Украина, преку безбеден конвој на ОБСЕ мисијата ја напуштаат земјата. Министерството за надворешни работи потврди дека се фокусирани како да овозможат безбеден конвој за уште 50-тина граѓани кои се заглавени главно во Киев и неколку помали места.

Македонското МНР уверува дека стапиле во контакт со сите наши граѓани во Украина и дека се во комуникација за нивна евакуација и покрај бројните јавувања во нашата редакција на заглавени граѓани кои тврдат дека не можат да стапат во контакт со министерството. Сепак и додека траеше брифингот на Османи на социјалните мрежи веќе му пишуваа загрижени граѓани од Украина кои бараат помош. Панично предупредуваат дека во Украина веќе се случува хуманитарна катастрофа.

Засега, македонските власти немаат решение за превозниците кои се заглавени на украинско- полската граница натоварени со руска роба. Министерот Османи потврди дека со нив разговарал нашиот амбасадор од Варшава, но не е најдено решение како превозниците заедно со натоварените камиони можат да се вратат во Македонија, сепак доколку одлучат можат сами како индивидуи да бидат извлечени од военото подрачје.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста