Баша не отстапува: Преодна влада со локални и парламенетарни избори за излез од кризата

Нема друг начин да се реши повеќемесечната криза во земјата, освен заминување на Еди Рама, формирање преодна влада и спроведување локални и парламентарни избори во ист ден.

Ова е ставот на обединетата албанска опозиција, што денеска го изнесе Љуљзим Баша, лидер на Демократската партија (ПД), по средбата со потпретседателката на парламентарната група на ЦДУ/ЦСУ за Европа,Катја Леикерт.

-Решавањето на оваа криза минува низ слободни и фер избори, што значи преодна влада без Еди Рама и предвремени парламентарни избори, на денот на локалните уставни избори, рече Баша по средбата што беше одржана во седиштето на партијата во Тирана.

На прашањето дали Германија ќе ја преземе улогата на преговарач во решавањето на кризата, Баша не даде конкретен одговор, но истакна дека ПД е во секојдневна комуникација со меѓународниот фактор.

-Демократската партија и опозицијата се во постојана комуникација со меѓународниот фактор, дел од оваа комуникација беше и денешната средба со Катја Леикерт. Комуникација која продолжува интензивно скоро секој ден и ќе продолжи и во наредните денови е во служба на интересите на албанските граѓани. Ние сме подготвени заедно со граѓаните и чесните социјалисти, да покажеме капацитет и решеност за да ставиме крај на проблемите што ја блокираа европската перспектива на Албанија, рече Баша.

Баша претходно имаше средба и со германскиот амбасадор во Тирана,Јохан Сатлер.