Банките им наплаќаат кредитни рати на корисници на социјална помош ?!

   „Земаме 7.500 денари социјална помош. Од нив, дури 5.000 денари ни зема банката како кредитна рата, за кредит кој ни беше земен како вработени во една странска компанија, а од која, лани, заради пандемијата, добивме откази“.

   Ова е накратко приказната на млад брачен пар од Прилеп, кој има и едно осумнаесетмесечно дете и кои сега преживуваат со само 2.500 денари месечно, бидејќи друг извор на егзистенција немаат. Преплавени од стравот да не им биде одземена социјалната помош ако проговорат јавно, тие побараа да не го објавуваме нивниот идентитет.

  „Надевајќи се, ете си работевме на државно, нормално и си зедовме кредити…Ама, за жал, ете, фирмата не извиси, не остави без работа, очекуваме да ни се јават, не се јавуваат и ние си ги направивме книгите за социјална помош….Ама, еве трет пат….банката ни ги зема парите, по 5.000 без причина…Ние да влеземе на работа, било каде, одма ќе си ги вратиме парите, она што ни помогна банката“, – вели нашиот соговорник.

  Нашиот соговорник вели дека реагирал и во банката, и во надлежниот Центар за социјални работи. Но, се’ било попусто.

  „Се обративме до банката – зошто ова ни го правите, како ни ги запирате парите, зошто…ми рече, ние мора да ги запираме, вие имате борч, имате кредит..Aма, овие пари ни се од социјалното, ништо, рече – тоа не важи…и си запираат пари, еве трет месец како запираат по 5.000….“, – објаснува соговорникот.

   Дали ваквото запирање од страна на банките е законски, одговор побаравме од Министретсвото за труд и социјална политика. Оттаму ни беше одговорено дека правото на гарантирана минимална помош припаѓа на категоријата социјални трансфери и истото НЕ ТРЕБА да биде предмет на извршување. Исто така, ова било уредено и со Меморандум за соработка помеѓу Министертсвото и Извршителите, според кој, извршителите имале пристап до базата на податоци за добивање информација дали лицата кои се дадени на Извршител се корисници на право од социјална заштита, велат од Министерството за труд и социјала.

  Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста