Бајден за своите први 12 месеци од функцијата има низок рејтинг, главно поради инфлацијата и пандемијата

Пакетот за помош од 1,9 трилиони долари за ковид-19 што го протурка администрацијата на Бајден во март им помогна на американските бизниси и семејства да го надминат финансиското влијание на пандемијата.

Пакетот вклучуваше 1.400 долари стимулативен чек за милиони Американци и месечни исплати кои се покажаа како успешни во намалувањето на сиромаштијата.

Но, за многумина, зголемената инфлација го минимизираше влијанието на таа помош.

Цените во декември беа за 7 отсто повисоки од оние од претходната година, што ја бележи највисоката стапка на инфлација во последните 40 години.

Инфлацијата го намали економското закрепнување за една година за која администрацијата на Бајден вели дека го покажала најголемиот раст на работните места во американската историја.

„Погледнете ги првичните побарувања за невработеност. Тие се во просек 800 – пред една година беа на 812.000. Сега се на 210.000. Стапка на невработеност и очигледно отворањето нови работни места, годината пред да стапи на функција претседателот минатата година. Што се однесува до ковид, ако гледаме пред една година, само 1 отсто од возрасните биле целосно вакцинирани. Сега 74 отсто од возрасните се целосно вакцинирани“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Непреченото распоредување на вакцините им понуди заштита на повеќе од 200 милиони Американци, па дури и обезбеди кратко враќање на животот во нормала минатата година сè додека омикрон не предизвика повторно зголемување на случаите и хоспитализацијата.

Пандемијата и инфлацијата беа два главни фактори за намалувањето на рејтингот на претседателот Џо Бајден на крајот на неговата прва година, околу 45 проценти, според Ипсос, компанија за истражување на пазарот.

„Претседателот водеше кампања за искоренување на ковид и враќање на економијата, враќање на Америка во нормала. И, колку подолго трае пандемијата, толку повеќе Американците имаат неизвесност, и искрено, толку поголема фрустрација чувствуваат поради фактот дека сè уште се справуваат со пандемијата”, рече Мелори Њуал од компанијата за истражување на пазарот Ипсос.

Во меѓувреме, Бајден го протурка закон за инфраструктура од 1 трилион долари со републиканска поддршка – најголемата инвестиција на нацијата.

Но, тој допрва треба да го помине неговиот план за социјални трошоци и климатски промени од 1,75 трилиони долари, иако тој веќе е намален на половина од неговата оригинална големина.

Останатите точки од законодавната агенда остануваат заглавени. Два нацрт-закони за гласачките права кои во голема мера ќе ја прошират федералната контрола врз изборите се во застој во Сенатот поради републиканското противење. Бајден се обиде и да го врати единството помеѓу републиканците и демократите, но без поголем успех.

И, покрај ветувањето на Бајден дека ќе го подобри единството на својот народ, Американците се сè уште длабоко поделени по немирите во Конгресот од поддржувачите на Доналд Трамп на 6-ти јануари 2021-ва година. Анкетите покажуваат дека повеќето републиканци сè уште веруваат во неоснованото тврдење на поранешниот претседател и дека изборите во 2020-та година биле украдени.

Јованчо Наумоски, Од Гласот на Америка во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста