Бајден вети дека ќе ги врати САД под Парискиот договор откако Доналд Трамп се повлече од него

На почетокот на пандемијата преовладуваше мислењето дека таа ќе има барем еден позитивен ефект – помало загадување. Сепак, се покажа дека не е така. Климатските промени остануваат најголем предизвик со кој се соочува човештвото. Џо Бајден вети дека ќе ги врати Соединетите Држави под Парискиот договор откако Доналд Трамп се повлече од него.

2020-та. Рекордни шумски пожари во Калифорнија и во Сибир. Невиден број на урагани во Атлантскиот Океан. Годината што изминува ќе биде најтоплата или втората најтопла во историјата.

Додека температурата на планетата растеше, светот подзапре поради Ковид-19. Пандемијата ги испразни улиците и ги приземји авионите. Ова ги намали глобалните емисии на јаглерод диоксид за рекордни 7%. Сепак, нема причина за славење, вели директорот на Институтот „Светски ресурси“ Ден Ласхоф.

Јасно дека намалувањето на емисиите што го видовме во 2020-та поради Ковид, не е вистинскиот начин на намалување на емисиите. Тоа не е прашање. Најголем дел од нив потенцијално бргу ќе се вратат како што ќе закрепнува економијата-рече Ден Ласхов, директор на Институт „Светски ресурси“.

Потребни се коренити промени во целиот свет, вели професорот од Универзитетот Колумбија, Мајкл Џерард. Некои држави веќе го прават тоа.

Најважна климатска политика од изминатава година веројатно е објавата на претседателот Си Џинпинг дека Кина поставила цел за нула емисии до 2060-та. Неколку држави во Европа исто така ги зголемија климатските амбиции. Голем дел од светот се движи во оваа насока-рече Мајкл Џерард, Универзитет Колумбија.

Соединетите Држави под претседателот Доналд Трамп одеа спротивно, вели професорот Џерард – разлабавените регулативи за животна средина го поттикнаа производството на фосилни горива. Сепак, победата на Џо Бајден значи промена и кај овие политики.

Нема сомнеж дека новоизбраниот претседател Бајден ќе заврти за 180 степени од што го направи претседателот Трамп-вели Мајкл Џерард, Универзитет Колумбија.

Бајден во повеќе наврати изјави дека борбата со климатските промени ќе биде приоритет. Сепак, поделениот Конгрес можеби ќе биде пречка на овој пат.

Од друга страна и сојузните држави можат да направат повеќе. Калифорнија е лидер на ова поле. Таму по 2035-та ќе може да се продаваат само електрични автомобили.

И банките и инвеститорите полека се оттргнуваат од фосилните горива. Големи финансиски институции најавија дека нема да инвестираат во проекти за нафта и гас на Арктикот. Американските Федерални резерви годинава за прв пат повикаа на акција за климатските промени.

Идејата дека климатските промени претставуваат сериозна закана за американскиот финансиски систем стана мејнстрим и 2020-та беше годината кога се случи тоа-вели Ден Ласхов, директор на Институт „Светски ресурси“.

Во 2020-та се одбележаа 5 години од Парискиот договор за климатски промени. Но, светот е далеку од целите зацртани во него, предупредија Обединетите Нации.

Заложбите дадени во Париз се далеку од доволни за да стигнеме до целта, а дури и тие не се реализираат-рече Антонио Гутереш, генерален секретар на ООН.

Соединетите Држави официјално го напуштија Парискиот договор минатиот месец по процес кој траеше неколку години. Тие се единствената држава што го има направено тоа. Џо Бајден вети дека ќе уште на првиот ден на власт ќе го промени ова.

Парискиот договор ги обврзува потписничките да преземат конкретни чекори за намалување на емисиите на штетни гасови кои ги предизвикуваат климатските промени.


За Алфа од Гласот на Америка, Никола Крстиќ во Вашингтон.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста