Бајден останува во трката за претседател на САД по неуспешниот настап на дебатата со Трамп

Бајден останува во трката за претседател на САД по неуспешниот настап на дебатата со Трамп

Прославите на 4-ти јули за време на претседателските избори обично се место за патриотски кампањи со поддржувачи кои веат американски знамиња.

Но, оваа година, ниту еден од водечките кандидати немаше кампања по нивната прва дебата минатата недела, при што претседателот Џо Бајден се обидува да ги увери поддржувачите по неговиот неуспешен настап, додека неговиот предизвикувач Доналд Трамп направи малку за да го одвлече вниманието од борбите на неговиот противник.

Во интервју на 4-ти јули за радио станица во Висконсин, Бајден рече дека немал добра дебата минатиот четврток.

„Имав лоша ноќ. Имав лоша ноќ. За волја на вистината, потфрлив. Направив грешка. Но, научив од татко ми, кога ќе паднеш, стани и повторно исправи се, рече Бајден.

Кампањата на Бајден прави обиди да помогне да се врати нивниот кандидат со поддршка од водечките гувернери на Демократската партија, вклучително и Кети Хочул од Њујорк.

„Тука сум да ви кажам денес, дека претседателот Џо Бајден е тука за да победи. Сите ние сакаме да му ја дадеме нашата поддршка бидејќи влогот не може да биде поголем“, вели Хочул.

Сојузниците на Трамп во Конгресот ја користат вознемиреноста на Демократската партија за Бајден. Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон вели имаме сериозен проблем.

„Мислам дека знаат дека имаат сериозен проблем. Но, тој не е само политички. Не е само за демократската партија. Тој е целата земја. Имаме сериозен проблем овде бидејќи имаме претседател кој, по се изгледа, не е на висина на задачата, а ова се многу опасни времиња“, рече Џонсон.

Анкетата по дебатата на Си-Ен-Ен покажува дека 56 отсто од демократите и регистрираните гласачи наклонети кон демократите сега велат дека имаат поголеми шанси да победат со друг кандидат отколку со Бајден.

Сите кампањи минуваат низ циклуси, вели професорот по историја на Универзитетот во Тексас, Џереми Сури, но прашањата за здравјето на Бајден се реални.

„Тој сепак може да победи на овие избори. Всушност, тој сè уште може да биде фаворит за победа на овие избори, но од неговата кампања се надеваа дека со дебатата ќе се смири загриженоста за неговото здравје. Тие грижи за неговото здравје нема да стивнат. Тие ќе останат и понатаму доколку тој остане во кампањата“, вели Сури.

Кампањата на Трамп немаше јавни настани оваа недела, освен една изјава во која се вели дека, цитирам, „ќе се продолжи со градење добра атмосфера од страна на претседателот Трамп за да се зголеми нашето движење, да се собере парите што ни се потребни за да победиме и да се упатиме кон есента подготвени за историска победа“.

Трамп го одбележа Денот на независноста на САД со видео на неговата веб-страница Трут Сошал во кое рече дека Америка е една од најголемите приказни што некогаш биле раскажани.

„Никогаш нема да заборавиме дека сме Американци, а иднината ни припаѓа нам. Духот на американската независност никогаш нема да избледи, никогаш нема да пропадне, туку ќе владее засекогаш и секогаш и секогаш. На секој граѓанин низ нашата земја нека им е честит Ден на независноста“, рече Трамп во неговата рекламна кампања.

Со оглед на тоа што неговата Републиканска партија се подготвува за својата политичка конвенција овој месец, Трамп може да има корист од поумерениот пристап додека неговиот противник се мачи, вели професорот Сури од Универзитетот во Тексас.

„Она што Доналд Трамп би сакал да го направи, ми се чини, не е само да покаже енергија, туку и да покаже разумност. Не да се престави дека не е лажго наспроти изнемоштениот старец, туку можеби изнемоштен старец наспроти разумен кандидат“, додава Сури.

До денот на изборите во ноември, Бајден и Трамп имаат уште четири месеци да ги убедат гласачите дека токму тие се вистинскиот избор.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )