Бајден на средба со лидерите на Австралија, Индија и Јапонија за безбедноста во Индо- пацификот
Белата куќа соопшти дека претседателот Џо Бајден поставил приоритет да ги подигне односите на „четирите“ земји – Индија, Јапонија, Австралија и САД – со тоа што ќе им биде домаќин на нивните лидери на денешниот самит. Сите четири земји се на индо-пацифичкиот регион.
Тој регион се протега од бреговите на Тихиот океан на САД до океаните што ја опкружуваат Индија до водите околу Јапонија, па се до Австралија и многуте, мали, дифузни острови на Пацификот.
Американската администрација вели дека овој самит е важен за Бајден, кој ќе биде домаќин во неговата родна држава Делавер.
„Овој лидерски самит ќе се фокусира на зајакнување на стратешката конвергенција меѓу нашите земји, унапредување на нашата заедничка визија за слободен и отворен индо-пацифички регион и обезбедување конкретни придобивки“, вели Карин Жан-Пјер, секретарка за печат на Белата куќа.
Официјалните лица велат дека лидерите ја споделуваат загриженоста на регионот и дека се очекува да дадат најава за спречување на нелегалниот риболов.
„Oва навистина ќе биде многу корисно за да им се помогне на локалните власти да го победат нелегалниот риболов во нивните домашни води“, вели Курт Кембел, заменик државен секретар на САД.
Аналитичарите велат дека Бајден сака да испрати порака дека САД се на точка на пресврт, факт што тој го нагласува додека американските гласачи се соочуваат во пресрет на изборите во ноември.
Двајцата претседателски кандидати не се согласуваат за тоа како да се одржат клучните односи меѓу САД и Кина. Републиканскиот предизвикувач Доналд Трамп бара поголеми царини.
“Ќе ставам царина од 200%…”, рече Трамп.
Потпретседателката Камала Харис веројатно ќе го повтори пристапот на Бајден кон односот што влијае на многу други земји и дипломатски врски ширум светот.
Аналитичарите, исто така, велат дека собирањето лидери на четири моќни демократии во една просторија им дава простор да разговараат слободно.
„Не се зборува за вистинската агенда, а тоа е Кина. Само така може да се спротиставите на ривалството со Кина. Да не се споменува никаде“, рече Рафик Досани од истражувачката корпорација РАНД.
Но, Кина не е единствениот фокус на лидерите, велат аналитичарите.
„Кина секако не е дел од ова. Примарните цели на групата се фокусирани на здравјето, на обезбедување инфраструктурни потреби, на подобрување на способноста на земјите да ги следат нивните поморски домени и нивните поморски ресурси, како и на врските меѓу народите“, вели Кетрин Паик, Центар за стратешки и меѓународни студии.
Ова ќе биде четврти самит по ред во Вилмингтон, Делавер.
Во последниве години, четирите министри за надворешни работи се состанаа осум пати, а владите на четирите земји продолжуваат да се состануваат и координираат на сите нивоа.
Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон