Азески: Сиот товар од поскапите сметки за струја ќе си го платиме ние, граѓаните

И покрај смирувачките тонови од власта дека струјата нема значително да поскапи, стопанството вели дека сепак сиот товар ќе падне врз грбот на граѓаните. Според првиот човек на најголемата Стопанска комора Бранко Азески, не чека тешка зима со драстично повисоки сметки на секое поле.

  • Да ја скратиме приказната. Цехот од поскапата струја, ќе биде наш товар. Ние ќе си платиме се. Јас, Вие, граѓаните, рече Бранко Азески, Претседател на Стопанската комора на Македонија.

Дека нема да има значително поскапување на струјата, повтори министерот за финансии, иако првичните пресметки на енергетските компании велат дека струјата би поскапела за 38%. Фатмир Бесими уверува дека земјава ќе обезбедела доволно количество на струја за нормално функционирање на домаќинствата.

  • Владата има пресметки и затоа одлуката на Владата, како сопственик на ЕСМ, е со која цена да се оди кон универзалниот снабдувач. Тоа е јавна политика на Владата – за да се ублажи ценовниот ефект, се оди со пониска цена на чинење на електричната енергија. Затоа, буџетски средства одат кон ЕСМ за да се покрие таа загуба и да се ублажи ценовниот ефект, рече Бесими, во Стопанската комора на Македонија.

Потсети дека кон ЕСМ се насочени четири милијарди денари и дополнителни 980 милиони денари. Дополнително, во Буџетот за 2022 година планирани се и средства за докапитализација на ЕСМ. Како мерки кои се во насока на поддршка на граѓаните, Бесими ги посочи и намалувањето на ДДВ и финансиската помош од илјада денари за социјално загрозените семејства и 9.000 пензионери со ниски примања.

Дека сметките за струја нема да се зголемат за повеќе од 10%, рече и министерот за економија Крешник Бектеши. Тој вели дека право на компаниите е да бараат не само 100%, туку и 2.000% зголемување, но сепак последниот збор го има Регулаторната Комисија за енергетика.

Наспроти неговата изјава, од Регулаторна веќе предупредија дека ако се прифатат барањата на енергетските компании за загубите, струјата би се зголемила за 38%, но пресметките за тоа допрва ќе се прават.

Во меѓу време, граѓаните се вознемирени по ваквите изјави.

И покрај зголемувањето на цената на струјата по 1 јануари, од власта уверуваат дека зголемувањето на сметките сепак ќе било најниско во регионот, но заборавија да кажат дека и платите остануваат заковани на дното во Европа.

Одлуката за колку точно ќе поскапи струјата ќе ја донесе Регулаторната Комисија за енергетика до крајот на месецов. Дел од енергетските компании веќе доставиле барање за повисока цена, но се чека уште официјалната пресметка на „МЕПСО“.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста