Со автопатот Прилеп – Битола, Пелагонија ќе си го избрише епитетот „слепо црево“
Прилепчани и битолчани со силна поддршка, но и со уште поголеми очекувања дека автопатот помеѓу Прилеп и Битола, конечно ќе го биде. Охрабрени од веќе видливите градежни активности на терен, како и од последните најави на надлежните дека овие 40-тина километри комплетно ќе бидат автопатски решени до 2027 година, се надеваат дека Пелагонија повеќе нема да биде ниту сообраќајно „слепо црево“, ниту пак „црна точка“ која одзема многу животи.
„Овој автопат е многу значаен за Пелагонија, особено за Прилеп, Битола, Скопје. Значи го дочекавме и тој ден да се случи и треба да се изгради што може најбрзо“.
„Им треба на двата града, во право време се прави. „Црна точка“ е сега тука. Кај Лагово сега се случи една голема сообраќајна несреќа. Да даде Господ да се направи што побрзо. Ќе се смени многу и за двата града, и на економски, и на секаков план“.
„Мислиме дека ќе биде, по ова што го кажуваат сега дека досега било лага, а сега ќе биде вистина. Многу ни треба, оти овој пат што е сега, не чини, не е баш за коливе како што сега возат брзо, многу кривини…Колку подобар пат, толку подобра економија“.
„Многу ќе значи за овие два града, не многу, туку премногу затоа што ќе се скрати времето за патување, помалу гориво ќе се троши, значи за поевтини пари ќе можеш да „претрчаш“ до таму…Тој ќе биде со две ленти одовде и оттаму, или со три, не знам, па тоа е пат невиден, невиден пат убав..оти секое дете сега кола вози и наместо да плати илјадарка, сега ќе плати седум стотки за горивото“.
Освен за граѓаните, изградбата на овој автопат ќе има огромно значење и за пелагониските бизнисмени кои со децении укажуваат на неговата нужност. Ова уште повеќе и заради фактот што Пелагонискиот регион е втор по големина во придонесот на формирањето на БДП во Македонија, со скоро 12 %. Но, од државата досега немаше адекватна повратна поддршка за обезбедување на соодветна патна инфраструктура што пак, негативно влијаеше на привлекувањето на странски инвеститори, ги зголемуваше трошоците на домашните компании, ја намалуваше конкурентноста на компаниите, го отежнуваше транспортот и директно го намалуваше економски раст кој би се постигнал. Бизнисмените укажува дека така препуштени сами на себе, единствениот излез го гледаа во инвестирањето во автоматизацијата и дигитализацијата на производствените процеси за да можат да ги одржат во живот своите компании и да бидат конкурентни на светските пазари.
Инаку, овој автопат е дел од Коридорот 10Д, кој заедно со уште трите автопати од Коридорот 8 имаат вкупна цена на чинење од 1, 3 милијарди евра и се проект на американско-турскиот Конзорциум „Бехтел и Енка“.
Каролина Дурло