Автопатот Тетово – Гостивар е во катастрофална состојба!

Дупки и нерамнини на целата должина од автопатот Тетово-Гостивар, оштетена заштитна ограда, се показателите за катастрофална состојба во која се наоѓа оваа важна сообраќајница по која поминуваат повеќе илјади возила дневно. Иако од сите тие возила државата наплаќа и милиони евра за патарина се уште нема пообемна санација и со години се вози по овој лош пат.

Во јануари 2021 министерот  Бочварски најави дека ќе се прави физибилити студија која ќе покаже дали е потребно да се обнови асфалтот или да се прошири автопатот со повеќе коловозни ленти.  Од Министерството за транспорт и јавното претријатие за патишта не добивме информации дали е направена анализата и што ќе се прави со оваа делница.

Одговор за ова стигна од јавното претријатие за патишта, кои велат дека изградбата на автопатот Тетово-Гостивар ќе го реализира конзорциумот Бехтел и Енка, за што Собранието за прв пат донесе и закон за номинирање стратешки партнер -нов модел без распишување тендер.

Владата е уверена дека овој модел  ќе даде најбрз и најоптимален резултат во изградбата на патната мрежа. Ова е и најголем инфраструктурен проект во земјата, се вели во информацијата од јавното претријатие, велат од ЈП Патишта.

Граѓаните се револтирани што мора да се се движат по вакви коловозни ленти, да ги оштетуваат возилата и што во опасност се доведуваат нивните животи.

Несразмерно е плаќањето за патарини и другите давачки за возилата како технички преглед со она што го добиваат од државата за квалитет на патиштата, сметаат граѓаните. 

Една патарина на Тетово-Гостивар е 30 денари или 120 вкупно за одење во два правци. Во 2021 година  46 милиони и 400 илјади евра беше годишниот приход од наплата на патарини на Јавното претпријатие за државни патишта што е за 2,8 милиони евра повеќе во однос на 2019, а за 12,1 милион евра повеќе во однос на 2020 година. 

Александар Самарџиев

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста