Aвтопатите на „Бехтел и Eнка“ почнаа да заглавуваат по судови

Aвтопатите на „Бехтел и Eнка“ почнаа да заглавуваат по судови

Aвтопатите кои ги гради „Bехтел и Eнка“ под лупа на јавното обвинителство. Се проверуваат начинот на кој биле ангажираните фирмите кои вршат надзор, како и други нелогичности во договорите. во меѓувреме прилепскиот суд му наложи на американско – турскиот конзорциум да ја достави целата документација за минирањата и ископите во прилепско откако локалните жители ангажираа адвокатски тим и тврдат дека целиот проект предизвикува големи еколошки последици.

 Автопатите на „Бехтел и Енка“, почнаа да заглавуваат по македонските судови. Државниот јавен обвинител најавува дека е можно Јавното обвинителството да излезе со одлука во врска со изборот на Надзорот над изградбата на автопатите, бидејќи биле евидентирани некои нелогичности во Договорот, особено во делот со лиценците на три фирми кои што се испитуваат. А како пример ја наведува фирмата „Електра Солушнс“ која обезбедила лиценца за надзор откако веќе била распишана јавната набавка.

„Преземени се доста работи.Се работи за Конзорциумод три фирми кои што се испитуваат. Досега има некои нелогичности во Договорот. Се преземаат дејствија и јас сметам дека можеби набрзо , Јавното обвинителство ќе излезе со јавно-обвинителска одлука“, изјави Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител, во Интервју за „360 степени“.

 Напоредно со ова, прилепскиот Суд им наложи на ЈПДП и „Бехтел и Енка“ во рок од 30 дена да ја обезбедат и да ја достават до Судот комплетната документација околу дозволите за минирањата и ископите во ореовечкиот атар. Ова откако прилепскиот Суд, како надлежен орган, а по претходно барање од засегнатите граѓани преку ангажиран адвокат, заедно со вешти лица од сферата на животната средина, на рударството, геологијата и градежништвото, излегоа на увид со цел да се утврди фактичката состојба.

   „Се вештачеа куќите на кои има видни оштетувања од силните детонации, се вештачеше водата од изворите, се направи увид за негативните еколошки влијанија врз целата природа која е и срцето на градот како единствен и исклучително важен зелен појас. Очекуваме дека во наредните 30 дена, ЈПДП и „Бехтел и Енка“, документирано ќе неуверат дека располагаат со сите дозволи, иако силно се сомневаме во тоа, бидејќи такви дозволи, сигурни сме дека не постојат“, – ни рече во телефонскиот разговор Рубин Рујаноски, жител на с. Ореовец и еден од организаторите на протестите кои траат речиси цел месец.  

На бројните недослености во дозволите за да се минира и експлоатира овој регион, а каде се наоѓаат и четирите природни градски извори за вода, бројни пештери, ретки минерали, но и ендемски видови на животинки и инсекти, уште минатата недела реагираше и адвокатот Жарко Стеваноски.

Апсолутно е надвор од Законот, впрочем затоа беше и иницирана постапката пред Управен суд за оспорување на уставноста“, изјави Жарко Стеваноски, адвокат. (28.05.2024).

Минирањата и ископите во овој регион, според извесни документи, се вршат и без добиена дозвола од Министерство за економија која се’ уште била во процедура на одобрување, но и таа била по барање за концесија за експлоатација на мермер, а не на камен за изградба на пат.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста