Автобусите пристигнаа, но, не тргнаа-кога ќе профункционира јавниот превоз во Тетово сеуште не се знае

Тетово конечно,после години најавувања, доби автобуси, но, не и јавен превоз. Кога ќе почне да функционира,локалните власти немаат одговор.Денеска само ги промовираа петте автобуси, но, за да се возат граѓаните ќе почекаат-сеуште не се знае ниту цената на билетите, ниту како и кога ќе почнат да сообраќаат. Потребата за јавен превоз Тетово ја има одамна,и поради аерозагадувањето, но, и за намалување на сообраќајниот хаос.Но, колку тој ќе биде функционален, познавајќи ја сообраќајната инфраструктура во градот, дел од експертите се скептици.
-Ако во овој хаос се воведе јавен градски превоз посебно не добро испланиран, а претпоставувам нема да биде добро испланиран, затоа што не е другото добро испланирано.Предходно би се средило паркирањето на пример.Градскиот превоз би заглавил во истата гужва, што значи би ви требало истото време и со автомобил, со превоз уште подолго дури стигнете до дестинација, а тоа не е идејата, изјави Зоран Ѓорѓевски-професор по стручни сообраќајни предмети
Иако повеќе пати потпрашана, дали и какви претходни анализи направиле надлежните ,колку е стручно испланирано да започне јавниот превоз,градоначалничката Теута Арифи не даде конкретни одговори.Важно било вели, што автобусите биле тука, а скептици, секогаш ќе имало.
Тетовци велат дека јавен превоз и тоа како е потребен, но и тие сметаат дека треба поголем ред во сообраќајот, за тој да биде функционален.
Тетово веќе со години е во сообраќаен колапс.Јавниот превоз се воведува токму за метежот да се растерети,но дали ќе се постигне целта ќе се знае откако автобусите ќе почнат да сообраќаат.
Милена Вучевска