Aвтобуси на ЈСП полицијата ги испрати на технички преглед – во прекин дел од линиите, граѓаните револтирани

Нервоза, метеж и збунетост од граѓаните беше сликата на автобуските станици во Скопје како резултат на засилените акциски контроли што МВР  ги спроведува.  Граѓаните кои навикнале на редовните линии, утринава чекаа и по час време, велат дека доколку ова се случува често треба барем  да има најава.

Од  ЈСП велат дека вонредните акции не се најавуваат па според тоа не можат да ги информираат граѓаните за измените во возниот ред. Денеска 7 нивни возила кои биле исклучени од сообраќај.

Од утринава, па досега на технички преглед вонреден од страна на МВР испратени се седум возила на ЈСП Скопје, од кои шест двокатни автобуси „Јутонг“ , еден минибус-комбе „Јутонг“ и едно комбе. Во меѓувреме, две од возилата веќе се вратени на линија, информираше Деспина Трајковска Димова од одделение за односи со јавност од ЈСП Скопје.

Од приватните превозници истакнуваат немаат ништо против контролите, но треба да има компромис и информирање оти граѓаните  чекаат и се нервозни, а се случува дури возачите да бидат вербално и физички нападнати.  Ваквиот проблем бил дискутиран и пред неколку месеци помеѓу превозниците и МВР, кога ,  како што вели Ленин Јованоски од „Слобода превоз“  бил постигнат усмен договор.

Она што се јавува како проблем и на што граѓаните реагираат веќе е реагирано и од наша страна  и веќе некој период имавме устен договор со МВР да полициските контроли на возилата се врѓат кога тие ќе завршат со сменското работење, да не бидат вадени од линија и да не се нарушува јавниот ред и да не се прави разлики помеѓу два автобуса, меѓутоа еве последните неколку рации се прават како во минатото, возниот ред се нарушува, граѓаните се бунат, полицијата има право законски да го прави тоа, меѓутоа зошто не го прави тоа по предлогот којшто е повелен и за граѓаните и за нас не ни е јасно – изјави за Алфа Ленин Јовановски од „Слобода превоз“.

ОД МВР информираа дека биле контролирани 11 автобуси  од кои кај 4 автобуси се констатирани неправилности во периодот од 8-12 часот, а  контролите ги правеле заради поголема безбедност на граѓаните.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста