Дел од тиквешките лозари принудени да плаќаат за наводнување, а вода не виделе со години?!

Пред почетокот на бербата на грозјето од годинашнава реколта, чиј тек најверојатно и овој пат ќе биде неизвесен, дел од тиквешките лозари, соочени со нова давачка за услуга која не ја ни добиваат, а им се заканува и опасност да завршат на извршител. Имено, ВП „Тиквеш“ започнало да им доставува фактури за наводнување од канал кој со години бил нефункционален, а лозарите не виделе ниту капка вода.

„Некни ни стигнуваат фактури од нотар, ако не платиме во рок од осум дена, одиме на извршител….Јас тоа не планирам да го плаќам, а имам моментално неколку лозја….Имаме решение и од правобранителот дека нема логика да плаќаме за никаква услуга. Прво, не постои каналот, второ, директорот или тој што обезбедил вода, треба да ме викне мене и да направиме договор..и врз основа на тој договор, тој мене да ме тужи и да ми бара пари. А вака, на никаква основа, тој ни пушта фактури. Ние не ги плаќаме фактурите и тој сега ќе не’ тера на извршител“ – ни рече Ѓоко Палитов, лозар од Кавадарци.

Според засегнатите лозари, чии лозја со години не се наводнувани, спорниот и сега целосно запуштен канал бил изграден уште во далечната 1958 на Дабнишка река. Со него, тогаш се наводнувале околу 500 хектари лозови насади. Но, во 1992 година, поради дотраеноста и неодржувањето, каналот се срушил, па жителите од село Ресава, со свои средства, во 1998 година некако успеале да го стават во функција и еден мал дел од нив, со големи маки успевале да ги наводнат своите насади.

Каков-таков, каналот, а за чие одржување се грижело самото месно население, останал во функција се до 2015-2016 година, кога за првпат, ВП започнало на корисниците, пронаоѓајќи ги преку Катастарот, да им праќа фактури за водарина, иако каналот веќе не бил во функција. Во 2019-та година, преку Здружението „Напредни лозари“, Народниот правобранител донесол одлука дека каналот е нефункционален и не смее да се наплаќа за водарина. „Но, после две години, еве, повторно започнаа да ни праќаат фактури и тоа правосилни“, велат засегнатите лозари кои ги има близу стотина и кои реагирале и кај градоначалникот Митко Јанчев.

Градоначалникот Јанчев пак, за Алфа ни изјави дека лозарите биле во право, но и дека тие како ЛС немаат увид во работата на ВП, бидејќи истото било под ингеренции на Владата. Според него, ЈП „Водостопанство на Македонија“ било распад – систем, на кој му требало децентрализација.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста