Сметката за неспособноста на власта да се справи со енергетската криза ќе падне врз грбот на граѓаните

Без разлика дали и колкави ќе бидат струјните ценовни шокови, конечниот цех сепак ќе го плати народот. Според енергетските експерти не чека тешка зима со драстично повисоки сметки на секое поле. Аналитичарот Џевдет Хајредини најави дека енергетската криза што наскоро ќе стигне и во Македонија ќе се плати со повисоки даноци, кои директно ќе удрат врз џебот на народот. Претстојат тешки моменти во енергетската област, алармира поранешниот министер за финансии за ТВ „24“.

  • Ние имавме таква ситуација во комунизмот, загубата се акумулираше во тогашен „Макпетрол“ и кризата финансиска беше врзани садови. Сите денешни долгови се утрешни даноци, рекол нобеловецот Фридман, смета поранешниот министер за финансии.

Според Хајредини, поскапувањето на електричната енергија засега не се најавува во јавноста поради локалните избори и дека треба на клучните позиции државата да постави постручни луѓе за справување со вакви ситуации.

  • Ќе влечеме струја и натаму, се релативизираат работите во некои медиуми и се правилажен оптимизам кај читателите. Видовте дека имаше тепање за мала компанија, па замислете како може да ескалира ситуацијата по изборите, алармира тој.

Треба да се увезе јаглен и мазут, јаглен нема објективно, џабе зборуваат, а увозниот е скап, ситуацијата излезе дека е безизлезна. А никој не смее да зуцне до тој ден на изборите, наведе Хајредини

По најавите дека Македонија може да се соочи со енергетска криза, од владата се обидуваат да ја смират реакцијата на јавноста убедувајќи дека веќе се ставени на располагање сите механизми со цел да се обезбеди доволно количество на струја. Во функција е ставен вториот блок на „РЕК Битола“, а се очекува да зварши и тендерот за набавка на јаглен за вклучување на третиот блок.

Иако владата смета дека нема простор за загриженост, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека состојбата е алармантна и лошо се менаџира.

Дека тоа е така, веќе предупредија и редица енергетски експерти. Енергетичарот Константин Димитров рече дека Владата го преспала периодов, додека земјите од соседството активно работеле на изградба на капацитети.

Претходно, директорот на „МЕПСО“, Куштрим Рамадани, рече дека земјава четири пати без најава презела струја од европската мрежа, за што добиле сериозни предупредувања. „Ниту производството, ниту пак увозот на електрична енергија не можат да ја покријат потрошувачката во земјава“, алармираше тој.

Сметките за струја остануваат исти или пак не променети до крајот на годинава, односно државата ја гарантирала цената на струјата и таа немала да се промени до декември, а потоа ништо не било сигурно, односно со Господ Напред.

Стабилизација на цената на струјата се очекува дури кон средина на следната година, до тогаш не чека лош период и тешка зима.

Борис Грујоски

Advertisements