Ќе има ли Македонија доволно струја за презимување?!

Ако државата и натаму лежерно ја согледува енергетската криза, Македонија нема да има доволно струја за презимување, алармираат енергетските експерти. Според консултантот Сања Божиновска која во моментов работи надвор од Македонија, за Алфа вели дека државата немала стратегија околу изградба на енергетски капацитети, а ги проблематизира и набавката на јагленот за „РЕК Битола“ и активирањето на „ТЕЦ Неготино“ која работи на мазут. Капак на се е и пропаѓањето на тендерот со кој државата бараше итно да се купат 900.000 тони јаглен за целосно пуштање во употреба „РЕК Битола“. За ТЕЦ Осломеј имало понуда за 300.000 тони, но допрва ќе се бира кој оператор ќе го добие договорот.

  • Како можеше да си дозволиме како држава да дојде до оваа ситуација. Секоја држава има догорочни стратегии, за разлика од кај нас. Состојбата со термо блоковите е катастрофална. Блокот 3 е надвор од функција. Блокот 2 нема јаглен за работа и работи со максимална потрошувачка на мазут и малку јаглен со половина моќност на граница на технички минимум. Блок 1 е исклучен од погон поради тоа што нема јаглен и енормна потрошувачка на мазут со максимум од сите осум мазутни бренери и така се трошат 16 тони мазут на час и оптеретување од 120 MW. На 11.10.2021 година е исклучен од погон затоа што технолошкиот процес не дозволува таков режим на работа. Состојба вообичаена во последните 5 години, каде што имаме повеќе хавариски ситуации, отколку нормален производствен процес. Ако се продолжи со оваа негрижа и непланско работење, а имаме долга студена зима за жал можни се и рестрикции на електрична енергија. Доколку се случи тоа што се случи за време на енергетската криза во 2011 година, како држава ни претстои ужасно тешка зима. Може да дојде до големи редукции на конзумот што пак може да предизвика огромно незадоволство на граѓаните, вели за Алфа Сања Божиновска, енергетски консултант, советник за енергетика.

Но она што е јасно според упатените е дека државата го преспа периодот во кој беа евидентни потресите на светските берзи, но и алармот кој уште поодамна го вклучија и домашните експерти. Божиновска вели дека е крајно време државата да почне сериозно да инвестира во домашните енергетски капацитети, а не да се склучуваат договори во четири очи.

  • Исто така сме сведоци на склучени договори во 4 очи, и мислам дека сега е моментот итно да набавиме јаглен од некој сосед, за да се ублажи ударот. Енергетиката нема брзи решенија, градење на енергетски објект е сериозна работа и е потребно време. Те-То беше изградено од приватни компании, а Македонија можеше да изгради еден енергетски објект со базна енергија. Секако ветерниот парк Богданци е за поздравување, меѓутоа за познавачите на енергетиката потребно е повеќе. Веќе сме 2021 година, и се уште не сме поврзани енергетски со Албанија, а Италија се поврза со подводен кабел со Црна Гора и имаат енергетска берза. И секако берза за електрична енергија се спомнува со години, меѓутоа ни „б“ од берзата во Македонија. Доаѓаа експерти, имаше работилници, предавања, испитувања. За долгорочно се надевам дека конечно ќе биде изграден „Чебрен“, бидејќи обновлите извори ппредизвикуваат нестабилност во системот. Најважен е фактот дека сите експерти мора да се вклучат за да се постави правилна стратегија во енергетиката, а не да се сведува на политички одлуки, додава Божиновска.

Освен интервентниот увоз на јаглен, владата засега не размислува да воведе други мерки за амортизација на ударот, кој веќе се чувствува во цените на бројни производи. За разлика од кај нас, во други европски земји се воведуваат низа заштитни мерки, како намалување на даноци, ограничување на цени на нафтените деривати, итн. Од владата велат дека ја следат состојбата, и ако имало потреба ќе реагирале.

Цената на струјата на светските берзи во меѓувреме порасна за дури 4 пати и достигна до 200 евра за мегават час. Во меѓу време, граѓани во редакцијата на Алфа се пожалија дека вчера им била исклучена струјата поради две неплатени сметки.  

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста