АВМУ: Алфа не ги прекрши програмските принципи и стандарди за инцидентот во Волино

Телевизиите кои информираа за настанот не ги прекршија програмските принципи и стандарди, вели АВМУ во одговорот на претставката што до неа ја достави МВР, со која бараше од Агенцијата да се произнесе за, според него, „неетичкото, непрофесионално и дезинформирачко“ известување од страна на неколку медиуми – меѓу кои беше наведена и Алфа – во врска со инцидентот во селото Волино, Дебрца.
-Со увидот беше констатирано дека телевизиите коишто информираа за настанот не ги прекршија програмските принципи и стандарди со оглед на тоа што, во прилозите на оваа тема, пренесоа различни гледишта и мислења и користеа повеќе извори на информации, меѓу кои и МВР, пишува во одговорот што денеска го испрати АВМУ.
Пред два дена МВР испрати претставка до ЗНМ и Советот за етика, со повик за реакција од нив заради, како што велат, “лажно информирање на дел од медиумите со цел ширење на дезинформации, нетрпеливост и омраза”. Претставката беше заради веста, во која, според изворите на информации односно изјавите од селаните што ги имаше ТВ Алфа, објавивме дека полициската акција не е исклучено да има политичка позадина заради веењето на знамето со ѕвездата од Кутлеш на натпреварот, но и на куќите на голем дел од селаните. МВР го демантира ова и во претставката го цитира извештајот од полицискиот билтен.
-Се надеваме дека овие организации соодветно ќе реагираат на непрофесионалното, неетичко и очигледно свесно дезинформирачко постапување со цел поттикнување на омраза, насилство и нетрпеливост на неколку медиуми, иако уште од почетокот со усна информација, а потоа и по писмен пат и преку извадокот на дневни настани Министерството за внатрешни работи детално информираше за овој настан, се наведува во соопштението на МВР.
Одговорот на претставката што го даде АВМУ е потврда дека Алфа не лаже и манипулира, односно дека нашата вест е аргументирана. До овој момент одговор од ЗНМ не е пристигнат.