Аудио бомба: „Лепливи раце“ на Ден Дончев?

Директорот во оставка на ФЗОМ, Ден Дончев е главниот актер во два аудио разговори и една видео снимка кои утрово беа објавени на каналот јутјуб. Дека гласот на аудио снимките е на Дончев, потврди и лидерот на СДСМ Зоран Заев.

Околу содржината, пак, на видеото и аудио разговорите испливаа разни шпекулации и тврдења. Дел од порталите коментираат дека Дончев на видеото, кое на јутјуб е објавено под име „лепливи раце“, наводно зема, поткуп. На снимката се гледа дека екс директорот седи во просторија и непознато лице му дава нешто, а тој го става во ташна. Снимката е објавена без тон.

Во другите две аудио снимки, гласот за кој и Заев потврди дека е Дончев, го споменува името на адвокатот Филип Медарски, а дел од порталите посочуваат дека во овие аудио снимки станува збор за аферата со дијализниот центар „Дијамед Македонија“.
Заев во одбрана на Дончев и Медарски објасни дека не станувало збор за Дијамед, туку наводно за Тотал ТВ.

– Медарски, многу често и адвокат на СДСМ, имал предмет во кој сопственици на Тотал ТВ имале меѓусебни пријави во полиција, која постапувала по Тотал ТВ, а тој бил застапник на еден од нив. Еден од сопствениците на Тотал ТВ е пријател и на Ден Дончев, изјави Заев.

Сепак екс премиерот немаше објаснување за каква полициска акција станува збор во снимката која се спомнува од страна на Дончев.

– Го ангажираа Медарски пред извесен период, со цел најверојатно да имаат влијание кај премиерот. Шефот се согласи да им пуштиме полиција внатре, влегоа, и Медарски замоли дали може да се најде заеднички јазик, и јас се согласив од негова страна, преку Медарски замолија да се сопире таквото, оти се сопире полиција за да се најде заеднички јазик, премиерот, сега Медарски моли со цел да се најде решение. Ќе идеме таму кај што, дали Словенија, дали Малта, кај год сака. 6-7 месеци не мафтаа, а ќе ти кажам што им беше причината, оти ова им беше како лево јајце им седеше и се плашеа тука ако ние им направиме проблем, може да им биде проблем продажбата на цела компанија и после тоа ја заташкаа работата. После тоа јас седнав, го замолив Зоки да ми даде пас им пуштавме полиција све, и после Медарски тоа овоа, знаеш сака да најдат решение, се слуша во аудиото.

Додека беше на функција, за него во јавноста пукна аферата „Рекет 2“. Според опозициската ВМРО-ДПМНЕ и поранешната сопственичка на „Диамед“, Дончев заедно со министерот за здравство Венко Филипче се обидел да ја попречи продажбата на компанија на странскиот инвеститор „Диаверум“ од Шведска, со што сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.

Да видиш колку експлицитни писма им пишав јас, не Венко, јас. Беа предупредени за шо сме сложни така што има игра со нив, само прашањето е дали Заев сака да ја игра таа игра, се слуша во аудиото.

Инаку, Ден Дончев во мај годинава си поднесе оставка од директорската позиција на ФЗОМ. Тој ги отфрли овие обвинувања, а оставката ја правдаше со „лични причини“.

Борис Грујоски