„Астра Зенека“ се уште предизвикува страв кај повозрасните граѓани, докторите смируваат – вакцината дава одлична заштита

Вакцината на Астра Зенека се уште предизвикува страв кај повозрасните граѓани. Вработени на вакциналните пунктови во Поликлиниките признаваат дека секојдневно имало граѓани кои се пишманат да ја примат оваа вакцина. Дел од нив не се појавувале на закажаниот термин, а дел откако ќе се информирале која вакцина е на дневен ред си заминувале дома. Сепак докторите смируваат – вакцината од Оксфорд дава одлична заштита од Ковид 19.

„Има и такви и такви. Не може да кажеме дека сите што дошле ја примаат но генерално има луѓе кои што едвај чекаат да примат било каква вакцина. Во Македонија се уште немаме докажана поврзаност на вакцината Астра Зенека со некакви можни пореметувања на коалулацијата“, вели доктор Даниела Николовска Христова од вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“.

Дел од граѓаните кои веќе ја примиле вакцината на Астра Зенека се задоволни од можноста да се заштитат од вирусот. Велат не се колебале да ја примат оксфордската вакцина, оти приоритет им било што побрзо да се се имунизираат и да се заштитат од вирусот.

Од рано наутро пред поликлиниките има метеж од постари граѓани кои чекаат да седнат на вакциналното столче. Докторите дневно боцкаат и по 600 луѓе.

„До сега немало потреба да се интервенира после вакцинација, генерално луѓето кои што имаат некаква историја на посериозни алергиски реакции во минатото на други компоненти, различни од вакцинацијата, седат половина час за опсервација на вакциналните пунктови. Генерално кај никој до сега немало потреба да се интервенира нешто позначително“, додава доктор Николовска Христова.

Над 15.000 македонски граѓани ја примија вакцината на Астра Зенека во Србија. Оние кои имаат над 60 години ќе може втората доза да ја примат во земјава. За тоа ќе треба да се пријават во системот Мој Термин преку матичните доктори. Оние кои се помлади, за втора доза ќе треба да патуваат до спрските вакцинални пунктови, или да одберат ревакцина во Македонија, но од друг производител.

Во земјава 186.000 граѓани добиле барем една доза од анти ковид вакцината, а на сајтот за вакцинација пријавени се близу 400.000. Во однос на повозрасните граѓани, дури 40 отсто примиле прва доза вакција.

500.000 дози на кинеската вакцина Синовак во Македонија треба да стигнат на почетокот на јуни, а дополнителни 100.000 фајзерови вакцини, следниот месец треба да стигнат и преку Ковакс механизмот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста