Асани: Моравме да ја објавиме „Славија“ на берза пред да се случи стечај, ВМРО-ДПМНЕ: Сакаа да ја продадат на нивен олигарх

Моравме да ги објавиме акциите на АД Славија на македонска берза, без оглед на судскиот процес, оти ако фирмата објавеше стечај, а е во сопственост на државата, ударот ќе беше врз буџетот. Вака директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани, денеска се правдаше зошто во среде судски процес истрчаа со продажба на Славија под чудни околности.

Денеска ќе почнеше да истекува тридневниот рок за аукција доколку судот не изречеше времена мерка за стопирање на продажбата, на барање на поранешниот сопственик на акциите Кирил Кочевски. Асани е категоричен дека не паднале на притисокот на опозицијата.

Дојде време кога мора да се продадат акциите. Агенцијата има обврска согласно Правилникот да продава акции, бидејќи ако една фирма чиј имот е конфискуван, објави стечај тоа ќе биде на штета на Буџетот на државата – изјави директорот на АУОИ Фатон Асани.

Номиналната вредност на акциите е 51 евро, опозицијата реагираше за  наводен скандал кој го подготвува Власта со цел имотот на Славија кој според нив вредел 20 милиони евра, да го продаде за 200.000 евра. Асани се повикува на правилникот на Агенцијата.

Според правилникот, објавен во Службен весник, во 2013, кој важи и денес, доколку во период од 12 месеци, пред денот на објавувањето на продажбата на акциите немало тргување на берзата, почетната цена се утврдува од номиналната вредност на акциите. Доколу по првите пет дена, акциите останат непродадени, цената се намалува за 25% – изјави Асани.

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвинија, Власта имаше намеа да ја продаде Славија по нереално ниска цена.

Реалната проценка во таков случај ќе направи и реална проценка на акциите на АД Славија која ќе биде неколкукратно поголема од тие 200.000 евра колку што беше дадена цената за целокупниот имот.  Сето ова од страна на власта беше направено за да по нереално ниска сума обезвреднет имот заврши во рацете на олигарси на СДСМ и ништо друго – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Славија во моментов има долг кон 72 доверители, повеќе од два милиони евра- колку што е реалната вредност – сепак, од Агенцијата не откриваат колку изнесуваат каматите, кои веројатно десеткратно би го надминале самиот долг. Обвинија дека во период од 2014-2016 година се продадени 32 објекти, а трошоците кон доверителите и поранешните вработени се уште не биле подмирени во целост.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста