Арсовски: Само имотот на АД „Славија“ во Кисела Вода чини над четири милиони евра

На местото на старите магацини на „Славија“ во Кисела вода, кои се протегаат на речиси 10.000 квадратни метри на атрактивна локација треба да се градат нови згради, и тоа е една од главните причини што власта сака набрзина за евтини пари да го продаде овој поранешен гигант, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Само овие објекти, според официјалната проценка од 2016 година вределе над четири милиони евра, што е многу повеќе од 200.000-те илјади евра цена што се бара за целиот пакет акции на Славија.

Овој имот позади мене старите магацини на Славија во Кисела Вода кој е во сопственост на АД Славија, според официјалната проценка од 2016 година чини над 4 милиони евра. Ова е еден од објектите кој е една од најкрупните причини за продажба на АД Славија, како атрактивна локација за градење каде што согласно плановите треба да никнат згради како што може да видите и во околината. Предвидена урбанизација, тоа го насетил некој од власта и сака обезвреднета фирма да купи за 218.535евра и да заработи 10тици милиони евра – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски.

Арсовски предупредува дека власта се обидува да направи тежок криминал и ги повика надлежните институции да го расчистат случајот. Според него, ако се земе предвид атрактивноста на локацијата, со тек на време цената на земјиштето би вредела многу повеќе од четири милиони евра.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ скандалот го обелодени пред три дена – откако Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас дека последните денови од 2021 година ќе се одржи аукција за продажба на целиот пакет акции со почетна цена од 218.535 евра. Директорот Фатон Асани призна дека проценка на имотот не е направена но како оправдување за продажбата ги изнесе големите суми долгови кои ги има АД Славија.  

Продажбата на акциите без да се направи проценка е скандалозен чин и за вработените во Славија, кои за целиот процес не биле консултирани туку дознале од медиумите.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста