Арсовски: Еден од попишувачите е уапсен во „Планина“ ; Симовски: Не ги вработуваме па да ги проверуваме детално

Едно од лицата уапсени во акцијата „Планина“ бил попишувач на територија на Сарај откри портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски. Политизирањето на пописот со ангажирање на партиски лица доведе до ова – обвинува опозицијата. Постои ли некаков филтер и дали некој гледа какви лица ќе бидат попишувачи прашуваат? Како е возможно да се дозволи лице уапсено за трговија со дрога да биде попишувач?

– Ова е сериозен скандал и за ова треба да се понесе одговорност. Апостол Симовски директорот на ДЗС требаше досега да си даде оставка. Нему му беше поважно да слуша слепи насоки од страна на неговата партија како партиски војник, наместо да ја согледа реалната слика зошто треба да се одложи пописот – потенцира Арсовски.

Апостол Симовски за Алфа вели дека попишувачите ги бирале на јавен конкурс, односно не вработувале во администрација па да ги проверуваат детално. Се додека не се докаже спротивното- никој не е виновен вели Симовски. Нагласи дека нема намера да се појавува во медиумите додека не се расчисти целосно ситуацијата со пописот. 

Ова не е единствениот проблем. Симовски уште пред неколку дена рече дека дел од попишувачите се позитивни на ковид-19, а добар дел од нив и се откажуваа. Опозицијата останува на ставот дека  самата апликација е тотално нефункционална и тоа до последен ден пред да биде одложен пописот.

– Прва причина за одлагање е заштита на здравјето на граѓаните. Самиот призна во истава емисија дека четворица од инструкторите се заболени со корона. Од петокот досега уште еден од инструкторите кој што е во секојдневна комуникација со Симовски е позитивен на корона, значи дефакто се шири и меѓу инструкторите – нагласи Арсовски.

Што се однесува до акцијата „Планина“ од слобода беа лишени 22 лица од Грчец и Гази Баба. Дел од нив успеаја да избегаат, заради што обинителство распиша и меѓународна потерница. Ама за министерот Спасовски акцијата „Планина“  е успешна, иако обвинителката Рускоска призна дека наркобосовите им побегнале бидејќи  некој од МВР им јавил за да се спасат.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста