Арсовска: Ако Владата нема слух да ни помогне, ќе се радикализираме

Општините очекуваат Владата да им помогне во плаќањето со сметките за електрична енергија. Премиерот Ковачевски се согласи на средба. Сите 22-ца градоначалници во раководството на ЗЕЛС според првиот човек и градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, ќе можност да образложат зошто е неопходно да добијат помош, а со тоа да ја убедат Владата да им излезе во пресрет.

По овој состанок ние ќе излеземе со ставовите, но генерално заклучоците кои ги имавме последната седница на управниот одбор на ЗЕЛС, со тоа што прво беше да го побараме овој состанок со цел да ги изнесеме своите аргументи, а второ доколку истите не бидат прифатени односно не бидат сослушани, дека целиот овој процес кој што го најавивме ќе се радикализира, затоа што, веруваме дека треба пред се треба да им се помогне на граѓаните кои што се во локалната самоуправа, а не да им се помага на локалните самоуправи бидејќи тие како такви постојат единствено за граѓаните вели Арсовска за Алфа.

Премиерот Ковачевски ја прифати средбата со ЗЕЛС, ама ги искара градоначалниците бидејќи требале да мислат на кризата кога го планирале буџетот и не предвиделе ставки за да се справуваат со кризата.

Општините, новите градоначалници сами ги правеа буџетите. Кога се правеше буџетот на Република Македонија во него се предвиде ставка за справување со кризата. Јас сметам дека тоа требаше да го направат и општините, рече Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ критикува дека наместо да ги зголеми во услови на енергетска криза владата за прв пат ги намали парите за локалните самоуправи, што според Мицкоски ја покажува негрижата на владата за граѓаните. 

Енергетската криза е од минатата година кога се подготвуваше буџетот. Сериозна влада, која мисли на народот, знае дека ќе се случува енергетска криза и наместо истата да ја злоупотребуваат за договори во 4 очи во РЕК Битола, а провизиите да завршуваат во се подебели куферчиња кај фамилијата требаше да води сметка како да ги зголеми дотациите во општините до буџетот рече Мицкоски.

ЗЕЛС алармираше дека сметките за струја на јавните претпријатија се дури и петкратно зголемени што е удар на општинскиот буџет, а ако прават ребаланс пак, ќе нема пари за капиталните проекти што треба да се реализираат во скопските, но и во општините ширум Македонија. Првиот човек на Ѓорче Петров, една од општините со највисоки сметки, вели дека му требаат еден милион евра за сметките за струја за што е принуден да прави ребаланс. Просекот на сметките за струја што до сега бил околу 700 илјади, сега е 3,3 милиони денари.

Да разговараме со премиерот Ковачевски за проблемите кои ги имаат општините, не само во делот на сметките на покачена електрична енергија, покачени енергенси, нафта, гас, дополнително, во исто време ни ги намалуваат дотациите, за образование, градинките… вели градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Стојковски.

Општините веќе побараа владата да им помогне, но од Илинденска одбија да им излезат во пресрет.  Ако владата го одбие и барањето на ЗЕЛС, градоначалниците ќе бидат оставени сами на сами да ги плаќаат високите сметки за струја.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста