Археолошкиот локалитет „Кале“ ја чува тајната за тоа дали на овие простори се напишани првите словенски букви

По речиси четириесет години од неговото откривање, археолошкиот локалитет „Кале„ кај штипското село Крупиште се уште ја чува тајната за тоа дали на овие простори се напишани првите словенски букви. Од пронајдените наоди се уште со сигурност не може да се потврди дека токму овде е лоциран градот Равен, центар на Брегалничкото Кнежество. Потребни се нови истражувања со кои ќе се потврди тезата дека овде во Крупиште се наоѓал голем епископски центар каде што Методиј бил назначен за епископ, а Кирил ја напишал глаголицата.
„Во Крупиште има многу да се истражува. Со овој мал дел што го имаме истражено не можеме со сигурност да потврдиме, но ако се земат во предвид сите претпоставки, анализи може да кажеме дека овде навистина бил лоциран градот Равен„ – изјави Мите Штерјов, директор на Музеј на град Штип.
За археолошки истражувања на локалитетот што се простира на околу осум хектари минатата година беа издвоени само 400.000 денари. Во моментот се чека министерството да издвои средства за конзервација. Во меѓувреме приказната за првите словенски букви аз, буки, веди и остатоците од Црвената црква се обраснати во троскот и трева. Без мапирање и сигнализација, ретко кој би можел да стигне до местото од каде се претпоставуваа дека Методиј ја започнал книжевната дејност меѓу Словените.
„Толку многу локалитети и тешко е да ги одржува една институција.Треба да постои систем на поврзаност-Локалната самоуправа, музеите, па и државата каде може да помогне. Сепак тоа е краток период-во пролетните месеци кога тревата обраснува . Се чисти, меѓутоа ако нема една таква целосна поврзаност мислам дека никаде не може да се одржуват сите локалитети„– изјави Штерјов.
Според археолозите можни се уште две локации за кои се претпоставува дека бил градот Равен. Едната е во Малешевијата, а другата локација е на просторот меѓу делчевските села Трботивиште и Разловци.
Александра Ристевска