Аргировски за Алфа: Со зголемувањето на пензиите за 120 денари, не може ни чоколада да им купиме на внуците

Срамното зголемување на пензиите за 1,2%, односно за 120 денари за време на падемија е омаловажување за сите нас, реагира екс претседателот на Здружението на пензионери Драги Аргираовски. Тој пред камерата на Алфа рече дека со тие пари кои треба да ги добијат, не можат ни чоколада да им купат на нивните внуци, а камо ли да останел некој денар за лекови, кои во ова време им биле и повеќе од потребни. Вели дека трошоците за живот биле зголемени за над 30%, а не 1%, и во услови кога се поскапува, потребно е линеарно зголемување од најмалку 1.000 денари, а не вакво замајување на пензионерите.

  • Пензионерите сега треба да добиваат од 90 до 118 денари, со пензиите за јули. Што е тоа? Неможе чоколадо да им купиме на внуците, а камо ли да се купи нешто друго со тие средства, па за да се користат. Треба најмалку за 1.000 денари да се зголемат пензиите сега, и тоа линерано, и треба да се води сметка, пензиите да се во сразмер со минималната плата, односно со просечната плата, а не вака, вели во изјава за Алфа Драги Аргировски, од Здружението на пензионери на Македонија.

Аргировски вели дека уште пред неколку години апелирал од штетноста на ваквиот Закон за пензионерите, но и покрај апелите, министерството за труд и социјала си терало по свое. Вели дека растот на пензиите требало да се движи согласно зголемувањето на минималната и просечната плата.   

  • Ваквиот начин на усогласување на пензиите, според мене, е неисправен и ги погаѓа сите пензионери. Затоа уште тогаш, пред три години, јавно советувавме да не се менува стариот Закон за пензии, кога усогласувањето беше 50% со животните трошоци и 50% со просекот на зголемување на платите, но бадијала беше се, не сакаше министерството за труд и социјала да ги чује нашите апели, додава Аргировски.

Ако е за утеха, пензискиот фонд е во стабилна состојба, а пензиите ќе се исплаќаат редовно. Така барем тврди директорката на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Билјана Јовановска. Според неа, немало никаков проблем во врска со одржливоста на буџетот на ПИОМ.

Инаку, минимална пензија од 9.000 до 12.000 денари земаат 94.510 пензионери. Најголемиот дел од нив, или близу 204.000, добиваат меѓу 12.000 и 40.000 денари. Инаку, во Макдонија има 325.081 пензионер.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста