Апокалипса во Бејрут, над 100 загинати, 4 илјади повредени, штета од 5 милијарди долари

Паника, страв плач… стотици жртви и илјадници повредени и големи материјални штети донесе страотната експлозија во Бејрут. Бројот на починати и повредени расте а илјадници жители останаа без своите домови додека во земјата е прогласен  Ден на жалост. Либанските спасувачки екипи интензивно копаат низ урнатините во потрагата по преживеани. Експлозијата се случи на пристаништето каде се сместени магацини со силен експлозивен материјал. Либанските власти соопштија дека амониум нитратот е причина за експлозијата.Очевидци на настанот велат дека глетката била страшна.

„Видов огнена топка и чад над Бејрут, Луѓето врескаа и трчаа, крвареа. Балконите беа однесени од зградите. Прозорските стакла на високите згради испукаа и паѓаа на улиците“ – вели очевидец.

Во експлозијата повредени сопругата и ќерката на премиерот Хасан Диаб  пишуваат тамошните медиуми.Премиерот  Диаб бара одговорност и најави санкции.

„Неприфатливо е товарот на амониум нитрат, проценет на 2.750 тони, да се чува складиран шест години, без никаков надзор.Ви ветувам дека оваа катастрофа нема да помине без одговорност. Одговорните ќе ја платат цената“, рече Диаб во телевизиското обраќање.

Според здравствените либански служби болниците се полни со повредени лица, поради што и хотелите во центарот на главниот либиски град ќе примаат пациенти на кои не им е потребна операција.

Во меѓувреме,американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека генералите на американската војска му рекле дека експлозијата во Бејрут е предизвикана од „некаков вид бомба“.

Инаку, владите ширум светот изразија сочувство за жртвите во експлозијата и му понудија помош на Либан.

Експлозијата се случи за време на најтешката економска и финансиска криза во Либан и во време на засилени тензии меѓу Израел и либанскиот екстремист Хезболах.

 

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста