Апелација не попушти како за Рашковски: Речиси 11 милиони евра недоволни Мијалков да излезе од Шутка

Сашо Мијалков останува во Шутка, Апелација не ја прифати гаранцијата од речиси 11 милиони евра и ја потврди одлуката на Кривичниот суд, со која поранешниот директор на УБК останува во истражниот затвор Скопје. Мијалков првично не беше пуштен од притвор иако позитивно мислење за тој да се брани од слобода, даде обвинителот Артан Ајро од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Сепак, кога жалбата стигна до Апелација негативно беше мислењето на Вишото јавно обвинителството, кое не даде зелено за Мијалков да излезе од Шутка.

-Ве известуваме дека Вишото јавно обвинителство Скопје, по предметот оформен по поднесена Жалба на одбраната на обвинетиот С.М. , а по разгледување на сите околности и факти, до Апелациониот суд Скопје согласно законските надлежности достави писмен предлог со кој му се предлага на Судот жалбата да биде одбиена и првостепеното решение да се потврди, информираа од Вишото јавно обвинителство.

Ваквата одлука на Апелација доаѓа само три дена откако од Шутка беше пуштен Драги Рашковски, кој замина во куќен притвор и покрај сомнежите на Обвинителството дека може да влијае врз сведоците. Тој беше пуштен од затворскиот притвор иако од самата Апелација кажаа дека се уште постојат сомнежи дека да уништи траги кои би докажале дека сторил кривично дело.

-Притворот за Рашковски е определен по член 165 став 1 точка 1 и 2. Жалбата на решението за притвор е со гаранција. Бидејќи нашиот Совет оценил дека се уште постои точката 2, поради која е определена мерка притвор, а точка 2 се состои во постоење основан страв дека може да се уништат трагите на кривичното дело, или кога постојат околности што укажуваат дека обвинетиот може да ја попречува истрагата, значи кога постои тој основ тогаш мерката притвор не може да се замени со гаранција, информираа од Апелација.

Инаку, Сашо Мијалков кој понуди сума од 10.8 милиони евра како гаранција дека нема да бега, што сепак не беше доволно за Кривичниот и Апелациониот суд, е неправосилно осуден на 20 години затвор во две судски процеси, а чека пресуди и за други процеси против него.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста