Антикризни мерки: Предизборен поткуп наместо реална помош

Антикризни мерки: Предизборен поткуп наместо реална помош

Пакетот антикризни мерки кој го најави Владата е повеќе предизборен поткуп отколку реална помош за граѓаните и за компаниите. Со ова се согласуваат и економистите и бизнисмените.

Предизборен поткуп наместо реална помош за граѓаните и за стопанството. Новиот пакет антикризни мерки промовиран на шест месеци пред изборите е спорен по повеќе основи.

Бизнисмените повеќе критикуваат, отколу што може да пофалат. Според Миле Бошков, очигледно е дека Владата се обидува предизборно да купи социјален мир. Но она што е клучно, вели, дека власта мора да почне реални активности за поддршка на граѓаните и стопанството низ целиот нејзин мандат, а не периодично. Сега, вели, компаниите повеќе се задолжуваат, отколку што остваруваат профит.

  • Во историјата на предизборието секогаш се вложувале напори за потребите, симпатиите и гласовите на таргетираните. И навистина веќе очекуваме низ реални активности во текот на целиот мандат да бидат опфатени граѓаните и бизнис заедницата. Но еве, повторно во предизборието, ако може така да се каже, иако политички не би коментирал состојби, меѓутоа ете станува збор за политики, а ова се дел од политиките кои директно влијаат на задоволството, перцепцијата, иднината кај граѓаните. Нормално дека и ние како бизнис заедница во предизборието ќе испорачаме сет на барања за следната Влада да излезе во пресрет имајќи предвид дека е многу поважно да имаме сигурна правна регулатива, сигурно предвидливо креирање на даночната политика и сигурно и предвидливо обезбедување на ресурси и работна сила“, коментира Бошков.

Антикризниот пакет кој содржи 26 мерки ќе стартува на први декември и ќе трае во период од шест месеци, односно точно до крајот на изборите. Според економистите, помошта е очекувана во услови на криза, но проблем е временската рамка, односно предизборниот период. Абил Бауш, од понуденото во сетот мерки, не гледа причина за оптимизам.

  • Како и сите антикризни мерки и оваа е програмирана за најранливи категории граѓани и е за поздравување затоа што колку толку во одредени ситуации ќе може да им се помогне на граѓаните кои се поранливи. Но мора и да се признае дека антикризните мерки на прв впечаток, особено во делот на пензионерите и другите категории граѓани, имаат изборна компонента. Добро е и треба да се помогне, но тајмингот е чуден“, вели универзитетскиот професор Абил Бауш.

Целиот пакет антикризни мерки предвидува краткотрајно зголемување на најмалите пензии за 1.500 до 3.000 денари во период од шест месеци, финансиска поддршка за учениците и студентите од посиромашните семејства исто така во период од шест месеци, како и поповлни кредити за фирмите во соработка со Развојната банка и Европската инвестициска банка.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста